[Инфографик] Што има во биографиите на новата предлог-Влада?

Економисти и правници се најголем дел од 21 члена на предложениот состав на Владата на Република Северна Македонија, предводена од мандатарот Димитар Ковачевски кој вчера ја достави Програмата на Владата до Собранието.

Шестмина од предложените владини функционери имаат образование поврзано со економијата, петмина се правници, двајца имаат медицинско образование, а во Владата ќе седат и по еден математичар, архитект, лингвист, социолог, информатичар, менаџер, комуниколог и професор по религија.

Сепак образованието кај дел од новите министри не е пресудно за позицијата во Владата која треба да ја раководат. Така, на пример, дигестивниот хирург, Бујар Османи повторно е предложен да управува со надворешните работи, лингвистот Бисера Костадиновска-Стојчевска со културата додека економистот Јетон Шаќири треба да менаџира со образованието.

Просечната возраст на овој предлог-владин состав е 43 години. Најмлади, со 34 односно 35 години, се Шаќири и Костадиновска-Стојчевска, додека највозрасен е предлог-министерот за правда, Никола Тупанчевски, кој има 60 години.

И во идната Влада предвидено е да има четири жени на министерските позиции, што е ист број како во актуелната, иако новата Влада ќе има едно министерство повеќе. Покрај Костадиновска-Стојчевска, во владата треба да влезат уште и Славица Грковска, како вицепремиерка за борба против корупцијата, Славјанка Петровска, како министерка за одбрана и Јована Тренчевска, која е предложена за министерка за труд и социјална политика.

Во предлог-програмата на Владата за периодот 2022-2024 година фокусот е ставен на справување со пандемијата и енергетската криза. Во документот се потенцира и забрзан економски раст, владеење на правото, заштита на животната средина како и справувањето со дезинформациите.

Собраниската седница на која треба да се дискутира за избор на новата Влада е закажана за сабота од 11 часот.

Во инфографикот во продолжение погледнете ги скратените биографии на сите функционери во новата Влада на Република Северна Македонија:

Даниел Евросимоски