Што пишува во биографиите на новоизбраните министри

Со 65 и 64 гласови „За“ синоќа Собранието на Република Северна Македонија ги избра четирите нови министри во Владата кои ќе раководат со министерствата за правда, здравство, информатичко општество и администрација и животна средина и просторно планирање.

За нов министер за правда е избран Кренар Лога, во чија биографија пишува дека е дипломиран правник, а потоа завршил и магистерски студии по дипломатија на Универзитетот за југоисточна Европа (УЈИЕ). Лога има 39 години, а својата професионална кариера ја започнал во 2003 година како ИТ демонстратор на УЈИЕ, а потоа работел и во приватна компанија како советник за правни работи. Политичката кариера му започнува во 2007 година, кога речиси една година ја извршува функцијата заменик-директор на Управата за финансиска полиција, а потоа работи и како советник за правни работи во Општина Тетово (2009-2010), шеф на кабинет на Општина Струга (2012-2013), секретар на Општина Струга (2014-2017) и раководител на сектор за правни прашања во Општина Струга (2017-2019). Потоа кариерата ја продолжува во Државното правобранителство на РСМ, каде работи како раководител на сектор за управување со човечки ресурси (2019-2021), а кон крајот на 2020 година кус период бил и извршен директор на Институтот за јавни политики „Арбен Џафери“. Од јануари 2021 беше член на Државната изборна комисија.

Нова министерка за животна средина и просторно планирање е Каја Шукова која е дипломиран инженер технолог на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Таа има 53 години, а кариерата ја започнува во 1993 година и во следните пет години работи во повеќе приватни компании. Од 1999 година е во Министерството за животна средина и просторно планирање, првично во Одделението за еко-менаџмент, па како советничка во Секторот за меѓународна соработка и Секторот за одржлив развој. Од 2001 до 2020 година работи како раководителка на Секторот за одржлив развој и инвестиции при Министерството, а во периодот 2020-2022 работи како државна секретарка во Министерството.

Министерството за информатичко општество и администрација во иднина ќе го води Азир Алиу кој е доктор по информатички науки на Природно-математичкиот факултет при УКИМ. Својата кариера ја започнал во 2003 година, како професор во Гимназијата „Панче Поповски“ во Гостивар, а од 2004 досега бил на УЈИЕ, првично како асистент, доцент и вонреден професор, а од август 2022 и како редовен професор. Во периодот од 2012 до 2014 бил продекан за наука на Универзитетот, а во периодот 2018-2020 бил и потпретседател на управниот одбор. Во неговата биографија има наведено и повеќе проекти на кои работел како консултант и проектен менаџер. Автор и коавтор е на 30-тина истражувачки трудови, а има наведено дека неговата научноистражувачка работа е посветена во областите на интелигентни системи, машинско учење, паралелно програмирање, и обработка на медицински слики. Автор е и на две книги.

За нов министер за здравство е назначен Фатмир Меџити, кој е доктор по медицина од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Сараево, а има специјализација по неврологија на Медицинскиот факултет при УКИМ – Скопје. Кариерата ја започнува 2000 година, како лекар по општа медицина во Болницата „Ферид Мурат“ во Гостивар. Од 2011 година па досега работи на Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. Во 2017 бил советник на министерот за здравство, а во 2017 и 2018 бил и член и претседател на управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Во својата биографија има наведено 20-тина учества на меѓународни конгреси и конференции од областа на медицината, а автор или коавтор е на седум научноистражувачки публикации.

Изборот на новите министри доаѓа како резултат на промената на составот на парламентарното мнозинство. Досегашниот коалициски партнер Алтернатива ја напушти Владата, а на нејзино место влегува партијата Алијанса за Албанците. По овие промени беа разрешени досегашните министри за здравство и информатичко општество и администрација, а досегашниот министер за правда си поднесе оставка.