УСС УКИМ поднесе барање до ЈСП за продолжување на важноста на скопските картички за студентите

Од Универзитетското студентско собрание известија дека е поднесено официјално барање до ЈСП Скопје за автоматско продолжување на важноста на Скопските картичките до 28 февруари за студентите кои ја немаат продолжено нивната важност.

Оттаму нагласуваат дека барањето е со цел да се остави подолг период за студентите да можат да си ги продолжат картичките.

„Сите знаеме колкави редици се создаваат пред студентски прашања кога треба да ги вадиме потребните документи, и потоа пред пултот на ЈСП кога одиме да ги доставиме документите за да го продолжиме важењето на скопската картичка. Со оглед на моменталната епидемиолошка состојба, за да го зачуваме здравјето на студентите најпаметно е да се овозможи подолг период за продолжување на картичките, а до тогаш, студентите да го задржат правото на бесплатен превоз приложувајќи ја картичката која ја поседуваат“, велат од УСС УКИМ.

Од Студентското собрание потсетуваат дека минатата година, поради истите причини ЈСП излегло во пресретн на студентите и го прифатило барањето за продолжување на рокот до 28 февруари.

„Се надеваме дека и оваа година, особено што околностите со пандемијата се речиси исти, повторно ќе ни излезат во пресрет и ќе го прифатат нашето барање. Дополнително на ова, поднесовме барање за поништување на сите казни кои биле пишани на студентите во изминатиот период заради оваа причина“, дополнуваат од УСС УКИМ.