Уредник на новински портал во Египет уапсен откако објавиле текст од Њујорк Тајмс за изборни нерегуларности

Египетската полиција синоќа упаднала во канцеларијата на новинскиот интернет портал Маср ал-Арабија и го уапсила главниот уредник, пренесува Гардијан повикувајќи се на три новинари од медиумот.

Акцијата доаѓа само два дена откако од Врховниот совет за медиумска регулација, египетското регулаторно тело за медиуми, наредиле на интернет-страницата да плати 50.000 египетски фунти (околу 2.850 долари) казна за објавување на сторија од Њујорк Тајмс во која пишува за наводни нерегуларности на претседателските избори кои се одржаа минатата недела.

Два новинари од порталот ги цитирале правниците на медиумот на кои им било кажано дека полицијата извршила акција бидејќи страницата немала дозвола за работа. Новинарите рекле дека упадот бил предизвикан од објавувањето на текстот на Њујорк Тајмс.

Во соопштение на советот од неделата, кој решавал по приговор на националното изборно тело, стои дека интернет-страницата била обвинета за објавување лажни вести.

„Веб-сајтот требал да ја провери автентичноста на веста или да го објави како мислење“, пишува во соопштението на советот, повикувајќи се на веста од Њујорк Тајмс во која пишува дека на дел од гласачите им биле нудени пари и други бенифиции во замена за глас.

Њујорк Тајмс во одбрана на своето известување навеле:

„Стоиме зад точноста на нашата вест и силно осудуваме било какво апсење со кое се заплашуваат новинарите и се задушува слободата на информирањето“, изјавила Даниел Родес Ха, портпаролка на новинската корпорација.

Канцелариите на новинскиот портал според новинарите се затворени и пломбирани.

Маср ал-Арабија е еден од окулу 500-те интернет портали кои во последниве месеци се блокирани во Египет, иако некои од нив сè уште се достапни низ различни виртуелни мрежи.

Додека групите за човекови права посочуваат дека тоа се прави за пресметка со слободата на изразувањето, властите велат дека спречувањето измислени вести е неопходно за националната безбедност.

Претседателот Абдел Фатах ал-Сиси победи на изборите со 97% од гласовите, на изборите на кои имаше 41% излезност, покажуваат официјалните резултати објавени во понеделникот.