УНХЦР бара посилно заложување на ЕУ во врска со бегалците

Во документ презентиран пред Европската унија, денеска, УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, повика на длабинска реформа на глобалниот ангажман на Европа околу бегалците, вклучувајќи го европскиот систем за азил.

УНХЦР побара од Европа да понуди постратешка и насочена поддршка за земјите на потекло, азил и транзит на бегалците, да ги разгледа подготовките за непредвидени ситуации со цел да одговори на големи пристигања на бегалци и мигранти и да воспостави поефикасен и подобро управуван систем за азил. Исто така, побара и поголемо инвестирање од страна на земјите-членки на ЕУ во интеграцијата на бегалците, вклучувајќи во сместување, вработување и јазична обука.

Од УНХЦР велат дека документот „Подобра заштита на бегалците во ЕУ и глобално“ изложува практична визија за тоа како може да се постигне тоа и во ЕУ и во светот. Помеѓу главните предлози се и насочени мерки за справување со причините зошто бегалците бегаат и продолжуваат да се движат, зголемени безбедни патишта за бегалците кон Европа и упростен систем за азил што ќе ги идентификува, регистрира и процесира новодојдените лица брзо и ефикасно и успешно ќе придонесе кон враќање на довербата на јавноста.

„Сега е моментот за нова визија за ангажманот на Европа околу глобалната бегалска криза“, рече Гранди „земајќи ја предвид историјата на толеранција, отвореност и врз основа на принципите на заштита, но исто така и со прагматичен и практичен пристап. Историјата покажа дека Европа е посилна кога се справува со предизвиците зеднички; и јас цврсто верувам дека ова е сè уште можно денеска“.

Градејќи на елементи од постоечкиот Заеднички европски систем за азил (CEAS) и некои од реформите предложени од страна на Европската комисија, велат од УНХЦР, предлозите би довеле до упростен систем за азил што би обезбедил пристап до територија, соодветно регистрирање и прифаќање на новодојдените лица, споделување одговорност за барателите на азил помеѓу земјите-членки на ЕУ и осигурување земјите-членки да бидат опремени да се справат со задачата.

„Реформите кои ги предлага УНХЦР би го гарантирале правото на азил, подобрена безбедносна проверка, би олесниле ефикасно управување на движењата на популацијата и би можеле да ги намалат трошоците. Предлозите вклучуваат заеднички европски систем за регистрација, забрзани и упростени постапки за одредување на азил, приоритизирање на спојувањето семејства, заеднички пристап околу непридружуваните и разделени деца, механизам за дистрибуција за земјите-членки под притисок на висок број новодојдени лица и ефикасен систем за враќање на поединци на кои не им е потребна заштита во нивните земји на потекло“, соопштуваат од УНХЦР.

За да го преземете документот на УНХЦР „Подобра заштита на бегалците во ЕУ и глобално“, проследете ја оваа врска.