УНФПА: На милиони луѓе во светот сè уште им се ускратени сексуалните и репродуктивните права, напредок има во Европа

Милиони луѓе ширум светот кои припаѓаат на најзагрозените групи население, сè уште се исклучени од значителниот глобален напредок во однос на сексуалното и репродуктивното здравје. Ова го покажува новиот извештај на Фондот за население на Обединети нации – УНФПА во чиј фокус е спроведувањето на Програмата за акција со која сексуалното и репродуктивното здравје и права се ставаат во центарот на глобалниот развој.

„Наодите од извештајот покажуваат дека голем број на луѓе немале корист од придобивките што ги стекнавме во процесот на јакнење на жените и младите а тоа е да имаат моќ да одлучуваат за своите тела и здравје и да имаат пристап до потребните услуги и информации“, рече регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија, Флоренс Бауер и додаде дека мора да се стави крај на распространетата дискриминација против жените и другите обесправени групи.

Според извештајот, намалување на мајчината смртност е забележана во поширокиот европски регион, додека зголемување на смртноста во период од 2015 до 2020 има во 18 од 52 држави за кои има податоци. Тука се додава и дека една од четири жени во репродуктивна возраст не можат самостојно да одлучуваат за своето тело и здравје. 

Податоците покажале и дека користењето современи средства за контрацепција и понатаму е на ниско ниво во некои делови од Источна Европа и Централна Азија, а во пет држави, повеќе од половина од жените не користат никаков облик на контрацепција. Во 2022 година имало 160.000 нови случаи на заразени лица со ХИВ во Источна Европа и во Централна Азија, што претставува зголемување од 49 проценти од 2010 година и најголемо зголемување во кој било регион во светот за овој период.

„Милиони луѓе во овој регион се спречени да го остварат својот потенцијал поради облиците на дискриминација и маргинализација што често се преклопуваат. Отстранувањето на овие бариери не е неопходно само од аспект на човековите права, туку е клучно за да се доведат државите во подобра положба за да се справат со демографските промени со кои се соочуваат“, вели Бауер. 

Од УНФПА велат дека нивната цел е да ги поддржат државите во Источна Европа и во Централна Азија за да станат отпорни на демографски промени, преку вложување во човечки капитал и поголема инклузија на маргинализираните заедници.

Целиот извештај е достапен тука.

Оваа Програма на УНФПА беше донесена на Меѓународната конференција за население и развој (ICPD) во Каиро во 1994 година.

Симона Паскоска