„Историска победа“ – Колумбија го легализираше абортусот

Колумбија го декриминализираше абортусот во првите 24 недели бременост, што е последна од серијата правни победи за репродуктивните права во Латинска Америка.

Уставниот суд на јужноамериканската држава одлучи пет наспроти четири гласа за декриминализација на процедурата синоќа. Одлуката следи по серија пресуди во Мексико и Аргентина со кои беа намалени пречките за абортус.

Претходно, абортусот во Колумбија беше дозволен само доколку постои ризик по здравјето на мајката, има животозагрозувачки деформитети на фетусот, или пак кога бременоста била последица на силување, инцест или вештачко оплодување без согласност.

„Ја славиме оваа одлука како историска победа за движењето на жените во Колумбија, кое со децении се бореше за признавање на нивните права. Жените, девојчињата и луѓето кои можат да забременат се единствените кои треба да носат одлука за нивното тело. Сега наместо да ги казнува, колумбиските власти ќе мора да ја признаат автономијата над нивните тела и нивните животни планови“, вели Ерика Гевара-Рохас, директорката за Америка на Амнести Интернешнал.

Пред одлуката граѓани се собраа на демонстрации пред зградата на колумбискиот уставен суд, носејќи зелено – боја која ја прифатија од движењата за право на абортус. Демонстрантите кои се противат на абортусот исто така одржаа демонстрации против судската пресуда.

Познати како „Зелен Бран“, движењата за право на абортус претходно поднесоа тужба со која се бараше абортусот да се отстрани од кривичниот законик. Во последните две години судот на неколку пати ја одложувал одлуката по ова прашање.

Организациите за заштита на репродуктивните права проценуваат дека годишно во земјата се изведуваат до 400.000 абортуси, а само 10% од нив се вршат легално.