УНЕСКО: На Украина ѝ требаат 8,5 милијарди евра за да ги обнови културните и туристичките знаменитости

Во текот на наредните децении на Украина ќе ѝ бидат потребни околу 8,5 милијарди евра за да ги обнови културните и туристичките знаменитости по почетокот на војната, соопшти Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), а пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Тие проценија дека во областа на културата и туризмот во Украина за време на двегодишната војна се изгубени повеќе од 17,7 милијарди евра приход. Оштетено е 341 културно место во вредност од 3,2 милијарди евра насекаде низ државата, вклучувајќи го и главниот град Киев, како и градовите Лавов и Одеса.

„Едно од местата, кое е сериозно оштетено, секако е катедралата во Одеса“, рече шефицата на канцеларијата на УНЕСКО во Украина, Кјара Деци Бардески.

УНЕСКО остро го осуди нападот на руските сили во јули 2023 година на историската зграда во центарот на Одеса, областа која агенцијата претходната година ја обележа како загрозено светско наследство.

Во нападот загинаа најмалку две лица, а беа оштетени неколку локации, како катедралата „Преображение“ од 18 век и главната црква во Одеса.

Исто така, УНЕСКО нагласи и дека намерното уништување на објектите од културно наследство, вклучувајќи ги верските објекти и артефактите, може да претставува воено злосторство.