УНЕСКО го одзеде статусот светско наследство на Ливерпул

Комитетот за светско наследство при УНЕСКО ја избриша локацијата на пристаништето во Ливерпул од Листата на Светско наследство поради неповратната загуба на карактеристиките поради кои локацијата го имаше го имаше добиено престижниот статус.

Ливерпулското пристаниште беше внесено на Листата во 2004 година, а во 2012 година беше ставено на Листата на Светско наследство во опасност поради предложениот инвестициски план „Ливерпулските води“, за комплетна реконструкција на пристаништата во градот.

Проектот оттогаш започнал да се спроведува со разна придружна инфраструктура во и околу подрачјето под заштита. Комитетот утврдил дека овие градежни зафати направиле штета на автентичноста и интегритетот на локацијата.

„Секое бришење од Листата на светско наследство е загуба за меѓународната заедница и споделените вредности и заложби според Конвенцијата за светско наследство“, соопштија од УНЕСКО.

Англискиот град Ливерпул е трета локација на која и е одземен статусот на светско наследство по Долината на Елба во Дрезден и Прибежиштето на арабискиот орикс во Оман.

Одлуката беше донесена на 44-тата седница на Комитетот која се одржува во Фуџоу, како и онлајн.