[Галерија] Недопрената убавина на Длабока Река – најновото светско наследство на УНЕСКО

Во длабочините на Националниот парк „Маврово“, под врвовите на Кораб, се наоѓа фантастичниот природен свет на Длабока Река. Местото го краси девствена букова шума, речиси недопрена од човекот последните 100 години.

Локалитетот се одликува со голема биолошка разновидност, со присуство на бројни ендемични растителни и животински видови и се наоѓа во зоната за строга заштита на Паркот и во неа се дозволени само научно-истражувачки активности.

Длабока Река беше впишана како Светско природно наследство на УНЕСКО на последната сесија на Комитетот кој кон крајот на јули се одржа во кинескиот град Фуџоу.

Македонската локација е вклучена во проширеното транснационално подрачје „Букови прашуми во Карпатите и други региони на Европа“. Проширениот регион кој влегува во светското наследство сега се протега на 94 локации во 18 различни европски држави. Длабока Река во Северна Македонија им се придружи на локации во Албанија, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Франција, Германија, Италија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Швајцарија и Украина кои добиваат заштита од УНЕСКО.

Во продолжение погледнете дел од убавините на ова македонско подрачје:

Фотографии: Маја Блажевска Евросимоска, Роберт Коцев