Комитетот на УНЕСКО не се договори дали Охридскиот регион да стане светско наследство во опасност

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО го одложи гласањето за статусот на Охридскиот регион поради немање консензус помеѓу делегациите за тоа дали оваа локација треба да се најде на листата на светско наследство во опасност.

Усвојувањето на предлог-одлуката беше прекинато откако делегацијата на Норвешка изрази негодување на амандманите кои ги предложи делегацијата на Босна и Херцеговина со кои на Северна Македонија и Албанија треба да им се даде дополнителен период за да постапат по препораките од УНЕСКО, пред да биде одлучено дали локацијата ќе биде ставена на листата на светско наследство во опасност. Со амандманите исто така делумно се ублажуваат критиките во текстот на одлуката.

Претставникот на Босна и Херцеговина својот предлог го образложи со потребата да се охрабрат двете држави во напорите да се исполнат препораките од претходните извештаи, наместо да се демотивираат активностите што заеднички ги спроведуваат за справување со предизвиците.

Претседавачот со Комитетот, откако увиде дека не постои консензус, одлучи Комисијата за светско наследство, заедно со претставниците на Норвешка, Босна и Херцеговина, Бахреин и Русија да направат дополнителна средба на која ќе се обидат да ги надминат несогласувањата по предложените амандмани. Според одлуката тие дополнително ќе треба да го известат Комитетот за напредокот на нивната дискусија по ова прашање, иако не беше даден нов рок кога би следела одлуката за Охридскиот регион.

Вчера 34 граѓански организации од Северна Македонија и Албанија поднесоа и писмо до Комитетот на УНЕСКО, со апел за впишување на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност. Тие велат дека го направиле тоа бидејќи се длабоко загрижени за состојбата на Охридскиот Регион, која, како што велат, е директен резултат на управувањето со наследството од страна на локалните и централните власти на двете држави.

Активистите од Охрид SOS предложените измени на предлог-одлуката ги нарекоа неодговорни и изјавија дека очекуваат Комитетот да биде доследен на Конвенцијата за светско наследство и да не дозволи уште една политичка одлука која ќе значи дозвола за уништување на Охридскиот Регион.

Во предлог-одлуката на Комитетот поврзани се слабостите на институциите во Северна Македонија и Албанија на национално и локално ниво при активностите за заштитата на исклучителните универзални вредности на локацијата која уште од 1979 година е заштитена како природно и културно светско богатство.

Во однос на Северна Македонија во нацрт-документот се истакнува дека постоела недоволна активност да се спречи ерозијата на карактеристиките на исклучителна универзална вредност во урбаното подрачје, како и поширокиот регион кое се причина на несоодветната конзервација, реконструкција и развој, а се посочува и дека треба да се размисли за алтернативни исходи за големите проекти кои се однесуваат на изградбата на железница и патишта.

„Високите објекти близу езерото, слабиот архитектонски квалитет на изградената средина (посебно во градовите Охрид, Струга и Поградец, но исто така и долж крајбрежјето надвор од урбаните средини), и несоодветната и претерана употреба на крајбрежната зона за туристичка инфраструктура, имаат големо негативно влијание врз исклучителната универзалната вредност на регионот“, се наведува во одлуката на Комисијата.

Од УНЕСКО сметаат дека иако некои одлуки и препораки од реактивната мисија во изминатите шест години биле адресирани, дел од нив биле само делумно или нецелосно спроведени, а бројни препораки воопшто не биле адресирани.

Д.Е.