Уметничката акција „Општествени контрасти“ ја одразува несразмерноста на студентскиот и пратеничкиот оброк

Група на уметници денеска пред Т.Ц Буњаковец, спроведоа уметничката акција наречена „Општествени контрасти“ која како визуелна комуникација се базира на поставени две маси, едната одраз на студентска и втората одраз на пратеничка има за цел да говори гласно за проблемите на студенскиот стандард.

На студентската трпеза се најдоа леб, конзерва туна и кромид, со што се покажува ограниченоста на сумата од 140 денари која студентите ја добиваат како субвенциониран оброк од државата. До студентската трпеза, се наоѓа имитација на пратеничката трпеза со мени и послуженото јадење, кои како што се велат од Центарот за современи уметности, го отвораат прашањето за повластените цени во собраниското бифе и зошто токму оние кои имаат најмногу секогаш плаќаат најмалку во оваа држава.

Контрастот меѓу двете маси е едноставен: со 140 денари не може да се обезбеди пристоен и хранливо балансиран студентски оброк. Во меѓувреме, цените на храната и трошоците за живот растат, а студентите што доаѓаат од другите градови покрај сместувањето и храната мораат да ги покриваат и сè повисоките трошоци за превоз. Студентскиот стандард опаѓа, а поддршката не ги следи реалните потреби. Во ситуација кога младите секојдневно се соочуваат со сè поголеми трошоци и сè помалку можности да живеат достоинствено, не треба да се чудиме што многумина својата иднина ја бараат надвор од земјата, велат од Центарот за современи уметности – ЦАЦ.

Со ова акција како што тврдат целта е да се информира јавноста и граѓаните за секојдневните предизвици со кои се соочуваат студентите од недоволната сума за оброк до растечките трошоци за храна, сместување и превоз.

Истовремено, сакаме да ги направиме повидливи нивните барања за подобар студентски стандард и поквалитетни услови за образование и живот. Достоинствен оброк не е луксуз, туку основна потреба, стои во соопштението.