Улогата на младите е неопходна во заедничката акција за целите на одржлив развој

Во пресрет на Глобалниот собир за Цели за одржлив развој (18-19 септември 2023 година, Њујорк, САД) денес во Млади Хаб се одржа дискусија за тоа како да се зголеми ангажманот на младите за постигнување за целите на Агендата 2030 за одржлив развој.

„Главната цел на оваа дискусија беше да се поттикнат иницијативи и активности меѓу младите луѓе, што би биле корисни за забрзување на имплементацијата и постигнување на целите на Агендата 2030 за одржлив развој“, велат организаторите од од Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации во Северна Македонија и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Росана Дуџак, постојаната координаторка на ОН во Северна Македонија истакна дека Агендата 2030 за одржлив развој е заедничко ветување од секоја земја за обезбедување на правата и благосостојбата на сите, на здрава и просперитетна планета. Сепак, како што рече, ова ветување не се реализира на глобално ниво.

„Граѓанското општество и тинк-тенковите, а особено младите мора да бидат способни да ја зајакнат својата улога како застапници за промени и промотори на одговорност. Ова бара не само учество, туку и улога во вистинското одлучување, особено за младите“, забележа Дуџак.

Претседателот на НМСМ, Филип Ивковски посочи дека улогата на младите во заедничката акција за постигнување на ЦОР е неоспорна и неопходна за внесување на нивната енергија, страст, знаења и вештини.

„Еден од чекорите за забрзување на постигнувањето на Агендата 2030 е репозиционирање на младите и
нивно пренесување од теренот на консултираната страна на нов терен како активни учесници во целокупниот процес“, истакна Ивковски на дискусијата во која учествуваа околу 30 млади луѓе и претставници на семејството на ОН

На настанот се разговараше и за заложбите и достигнувањата на Северна Македонија поврзани со ЦОР од 2015 година, истакнувајќи области како што се здравството, образованието, родовата еднаквост и економскиот раст, присутните поставија важни прашања како што се клучните транзиции неопходни за забрзување на ЦОР, како младите можат да ги поддржат овие транзиции и како ОН и НМСМ можат да
соработуваат за да го унапредат одржливиот развој во земјата.

Преку Заедничката рамка за соработка за одржлив развој 2021-2025 година, семејството на ОН во земјата тесно соработува со Владата и сите други засегнати страни за унапредување на одржливиот развој, вклучително и со младите.