Твитер ќе овозможи да се остави бакшиш за добар „твит“

Твитер објави дека започна да ја тестира опцијата со којашто им овозможува на луѓето да испраќаат пари на своите омилени корисници, пренесува Mashable.

Сè уште не е достапна за секого. Според Твитер, во моментов се развива меѓу ограничена група на „креатори, новинари, експерти и непрофитни организации“. Сепак, секој што користи Твитер на англиски јазик може да испрати бакшиш на профилите кои ја имаат опцијата.


Корисниците ќе знаат дека функцијата им е достапна кога ќе ја добијат оваа информација.

Откако корисникот ќе активира Tip Jar на својот профил, ќе може да го поврзе со популарните платформи за плаќање како што се Cash App, PayPal, Venmo, Patreon и Bandcamp. Корисник што сака да испрати бакшиш ќе кликне на една од тие услуги и ќе биде пренесен во избраната апликација за да изврши исплата.

Твитер вели дека не зема дел од парите бидејќи трансакциите не поминуваат низ компанијата.

Иако Твитер им дозволи на големите издавачки компании да заработат пари од видео содржините преку реклами, ова е прв пат да им дозволи на редовните корисници да ги монетизираат своите содржини.

Другите платформи за социјални медиуми како Јутјуб, Твич и Фејсбук веќе долго време им дозволуваат на многу корисници да ја монетизираат нивната содржина доколку постигнат одредени цели на гледаност или претплатници.