Доналд Трамп ќе отвори своја платформа за социјални медиуми наречена „Вистина“

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ќе отвори сопствена платформа за социјални медиуми наречена „Вистина“, пренесува Ројтерс. За неа вели дека „ќе им се спротивстави на големите технолошки компании“ како Твитер и Фејсбук кои му забранија да ги користи нивните платформи.

Платформата ќе биде создадена преку нова компанија формирана со спојување на Trump Media and Technology Group и Special acquisition company, се вели во соопштението од двете организации.

„Живееме во свет каде Талибанците имаат огромно присуство на Твитер, но вашиот омилен американски претседател е замолчен. Ова е неприфатливо “, рече Трамп во писмената изјава вклучена во соопштението.

Посочи дека апликацијата е основана со мисија да им даде глас на сите.

Социјалната мрежа, поставена за бета-лансирање следниот месец и целосна реализација во првиот квартал на 2022 година, е првата од трите фази во плановите на компанијата, проследена со претплата за видео наречена TMTG+ која ќе содржи забава, вести и подкасти, според соопштението.

Твитер, Фејсбук и другите платформи за социјални медиуми му забранија на Трамп да ги користи нивните услуги откако стотици негови приврзаници се побунија во Американскиот Конгрес на САД на 6 јануари.

Тој протест дојде по говорот на Трамп, во кој тој тврдеше дека неговиот пораз на изборите во ноември се должи на широката измама, тврдење што го отфрлија повеќе судови и државни изборни службеници.