Твитер ќе дозволи медиумите да ги наплаќаат содржините, најави Илон Маск

Сопственикот на  „Твитер“ најави дека социјалната мрежа ќе овозможи медиумските куќи да им наплаќаат на корисниците еднократно читање на нивната содржина, нарекувајќи ја практиката „победа за јавноста и медиумските организации“, јавува „Гардијан“.

Опцијата, која ќе биде достапна во текот на мај, ќе им овозможи на корисниците кои „не се регистрираат за месечна претплата да плаќаат повисока цена по напис за кога сакаат да прочитаат повремена статија“, објави тој.

Во петокот, Маск најави дека Твитер ќе зема 10 отсто од претплатите за содржини по првата година, истакнувајќи дека компанијата нема да зема дел од заработката во првите 12 месеци. Наплатените претплати ќе вклучуваат долги текстови и видео содржини.

Откако ја презеде компанијата октомври, постојано Маск внесува промени во обид да ги зголеми приходите на Твитер, откако платформата забележа пад на приходите од реклами минатата година.

Под сопственост на Маск, Твитер ја намали својата работна сила од 7.500 на околу 1.500 работници.