Твитер почна да ги отстранува сините беџови на корисниците кои не се претплатиле

Многу корисници од висок-профил на Твитер, вклучително и генералниот секретар на НАТО и најголемите светски новински организации ги губат ознаките, односно сините беџови што помагаа да се потврди нивниот идентитет и да се разликуваат од измамниците на социјалната мрежа во сопственост на американскиот милијардер Илон Маск, јавува Евроњуз.

По неколку лажни најави, Твитер почна да го исполнува своето ветување синоќа дека ќе ги отстрани сините беџови од профилите кои не плаќаат месечна претплата за да ги задржат. Твитер имаше околу 300.000 проверени корисници според системот за сини беџови – многу од нив беа новинари, спортисти и јавни личности.

Синиот беџ што порано значеше профилот е автентичен и потврден од Твитер синоќа почна да исчезнува од профилите на овие корисници во Европа.

Познати личности, новинари, медиуми, владини агенции и непрофитни организации ширум светот одеднаш го изгубија овој статус, што предизвика загриженост дека Твитер може да го изгуби статусот на платформа за добивање точни, ажурирани информации од автентични извори, вклучително и во итни случаи.

Трошоците за задржување на беџовите се движат од 8 долари месечно (7.30 евра – иако во Европа најевтината претплата на всушност изнесува 8.40 евра месечно) за индивидуални веб-корисници до почетна цена од 1.000 долари (913 евра) месечно за потврда на организации, плус 50 долари (46 евра) месечно за секој партнерски профил или профил на вработено лице.