Маск најави дека само верифицирани профили ќе се појавуваат на почетната страница на Твитер

Сопственикот на Твитер, Илон Маск, најави големи промени на социјалната мрежа, кои дополнително ќе ја продлабочат разликата меѓу корисниците на бесплатни профили и претплатниците на Твитер Блу сервисот.

Од 15 април бесплатните профили нема да се прикажуваат во секцијата „За Тебе“ (For You), која е почетната страница кога корисникот ја отвора апликацијата и во моментов ја креира алгоритамот на Твитер. Дополнително претплатниците ќе имаат можност да препорачуваат објави на други корисници и ќе можат да гласаат на анкети.

Маск овие промени ги правда како „единствен реалистичен начин за борба против ВИ ботовите кои ја преполнуваат социјалната мрежа“, а најави и дека за гласање на анкетите ќе биде потребно да бидете верифициран корисник.

Минатата недела компанијата соопшти дека ќе го отстрани верифицираниот статус на дел од профилите кои го имаат добиено овој статус пред Маск да ја купи компанијата и дека доколку корисниците сакаат да им остане синиот беџ ќе мораат да се претплатат на Твитер Блу.

Корисниците на Твитер Блу во моментов плаќаат по 7 долари месечно и добиваат син беџ на нивните профили. Претплатата им овозможува и неколку дополнителни предности кои не се достапни за бесплатните профили.

Сепак овој потег наиде на критики кај дел од корисниците на социјалната мрежа.

Поранешен вработен во тимот за верификација на Твитер за Би-Би-Си изјавил дека нивната главна цел била да ги заштитат корисниците од реални злоупотреби, додека за овој нов начин на верификација смета дека е целосна спротивност од тоа за што се залагале.

„Верифицираните корисници ќе ја користат својата моќ и присуство на платформата да влијаат на се` – од дезинформации до вистински злоупотреби на корисниците низ светот. Тоа е тивка закана која никој не ја гледа“, вели тој.

Твитер Блу имаше хаотично лансирање во ноември и голем број луѓе започнаа да ги имитираат големите брендови и славни личности плаќајќи за синиот беџ на нивните профили со цел тоа да изгледа вистински. Многумина дури се обидуваа да се претстават како самиот Илон Маск. Твитер потоа беше принуден да ја суспендира оваа услуга, по што повторно ја врати во функција.

Верифицираните корисници сега имаат поголем досег од другите профили. Претплатниците исто така имаат пристап и до дополнителни можности како поправање на грешки во веќе објавен твит.

Претходно синиот беџ значеше дека профилите на познати личности или компании се автентични и беа давани од Твитер без никаква финансиска претплата, но социјалната мрежа одредуваше кој ќе добие ваков беџ.