Турција ги прекина повеќето спасувачки операции во потрагата по преживеани од земјотресот

Турција ги прекина повеќето операции за пребарување и спасување, речиси две недели по силниот земјотрес во кој загинаа десетици илјади луѓе, соопшти тамошната управа за управување со катастрофи, пренесува Си-Ен-Ен.

Сè уште се во тек напорите за пребарување и спасување од 40 згради во две провинции, Кахраманмараш и Хатај, изјави шефот на агенцијата Јунус Сезер, пренесува државната новинска агенција Анадолу.

Откако се случи земјотресот, под урнатините продолжија да се наоѓаат преживеани. Во саботата, брачен пар и нивното 12-годишно дете беа спасени во Хатај, 296 часа по земјотресот. Детето подоцна починало.

Професорот Илан Келман од Универзитетскиот колеџ во Лондон изјави дека иако постои преседан за тоа луѓе да преживеат многу денови по земјотресите, „тоа е невообичаено“.

„Фундаментално, нашите тела можат да бидат отпорни, но многу работи се сведуваат на чиста среќа“, рече Келман.

Хатај беше една од најтешко погодените турски провинции од земјотресот на 6 февруари. Најмалку 80 отсто од зградите во провинцијата ќе треба да се обноват откако ќе бидат урнати, изјави во неделата градоначалникот на провинцијата Лутфу Савас.

Според последните информации, бројот на загинати во Турција се искачи на 40.689 лица, додека вкупниот број на загинати по земјотресот, заедно со жртвите во Сирија се искачи на 46.530 лица.