Три веројатно активни подводни вулкани откриени во Сицилија

По еднонеделна длабока експедиција, истражувачи од неколку универзитети од светот открија три подводни вулкани на јужнозападниот брег од Сицилија, иако во моментов не се сигурни дали станува збор за активни вулкани, пишува „Гардијан“.

Според научниците, новооткриените вулкани се широки барем 6 километри и се издигнуваат повеќе од 150 метри на над околното морско дно. Тие се приклучуваат на низата други вулкани откриени во 2019 година од Националниот институт за океанографија и експериментална геофизика во морската област меѓу Мазара дел Вало во сицилијанската провинција Трапани и Скиака, град во Агриџенто.

„Ние веруваме дека ова е многу важно откритие бидејќи фрла светлина на неистражено морско дно. Низ Медитеранот се плови со милениуми, но изненадувачки знаеме многу малку за неговото морско дно“, изјави Дарио Цивиле, истражувач при Институтот.

Од Институтот соопштија дека истражувањето започнало на 16 јули, а завршило пред неколку дена со скенирање на претходно неистраженото морско дно долж сицилискиот канал. Истражувачите собрале примероци од карпи, меѓу кои и наоѓалишта на лава што треба да се истражуваат во претстојните месеци.

„Забележавме хидротермална активност во областа, но сѐ уште  емногу рано да се каже дали овие вулкани се активни. Прво мора да ги анализираме нивните карпи и да ти протолкуваме сеизмичките профили стекнати околу нив во висока резолуција“, истакна Цивиле.