Трета скопска „Парада на гордоста“: „Излези за љубов“

Под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда“, денес ќе се одржи третата Парада на гордоста. Парадата започнува од 17 до 19 часот во збирното место, Паркот „Жена Борец“.

Протестниот марш по скопските улици ќе започне во 19 часот, веднаш по кратките поздравни говори. Парадата ќе продолжи со културно уметничка програма на Стадионот на АРМ, која ќе биде отворена со настап на овогодишната македонска претставничка на Евровизија, Андреа Коевска.

На стадионот на АРМ ќе настапи и оперската пејачка Наде Талевска, како и дрег кралици од земјава и од регионот. Свои диџеј сетови ќе имаат Андреј Мицајков, Јана Тодоровска, Мартина Пенева и Џинџер.

„Прајдот е крик во име на милионите луѓе соочени со социјално исклучување, нарушена телесна автономија и ограничен пристап до услуги кои се достапни за сите останати. Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на нашата борба за еднаквост“, порачуваат организаторите од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ).

Маршрутата во 19 часот ќе започне од паркот „Жена-борец“ по улицата Димитрие Чуповски преку Рекорд, потоа на улицата Даме Груев и булевар ВМРО до крстосницата пред мостот Гоце Делчев. Таа ќе продолжи по булеварот Илинденска покрај Влада, потоа улицата Ленинова покрај арена „Тоше Проески“, а крајната дестинација е Стадионот на АРМ.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека денес, поради одржување на маршот, ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај по сообраќајниците на централното градско подрачје на Скопје.

„За време на движењето (по потреба) за сообраќај ќе бидат затворени ул.„11-ти Октомври“, ул.„Димитрие Чуповски“,, ул.„Васил Главинов“, бул.„ВМРО“, бул.„Илинден“, ул. „Аминта Трети“ и ул. „1732“, истакнуваат оттаму,

По повод третата Парада на гордоста во Скопје, дел од тимот на Скопје Прајд објави видео во кое се раскажува за историјата на Парадата на гордоста, но и за тоа како е да се биде во организација на ваков настан.