Скопје Прајд 2022: „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“

Парада на гордоста – „Скопје Прајд 2022“ годинава ќе се одржи на 25 јуни, под мотото „„Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“, соопштија од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ) на денешната прес-конфереција во Комитет.

Од Мрежата информираа дека овогодинешната парада ќе се разликува од претходните паради по тоа што ќе започне во 17 часот, на познатото збирно место, Парк „Жена Борец“. Протестниот марш по скопските улици ќе започне во 19 часот, веднаш по кратките поздравни говори.

Според најавите, маршот ќе заврши со културно забавна програма на стадионот на АРМ, каде свои настапи ќе имаат дрег кралици од земјава и од регионот. Ќе настапи српското дрег трио Alex Elektra, Dita Von Bill и Lana Vee, њујоршката дрег дива Ronda Vu, како и македонските дрег кралици Divon Jane и Linda Socialistа.

Свои диџеј сетови ќе имаат Андреј Мицајков, Јана Тодоровска, Мартина Пенева и Џинџер.

Програмата традиционално ќе биде отворена со настап на македонската претставничка на Евровизија, а настап ќе има и оперската пејачка Наде Талевска – Спасовска.

Програмата на стадионот на АРМ ќе започне во 20 и 30 часот, а ќе трае до 01 часот по полноќ.

На денешната прес-конференција на НМХТ, Стефан Петровски се осврна на барањата за достоинство, еднаквост и правда, истакнувајќи дека во земјава ЛГБТИ+ луѓето и понатаму се мета на омаловажување, дехуманизирање и говор на омраза во јавниот и политичкиот дискурс.

„Тие имаат отежнат пристап до остварувањето на човековите права, нивните гласови и потреби често се занемарени во креирањето на политиките, а конзервативно скроената национална легислатива ги доведува во нееднаква подредена позиција наспроти нивните хетеросексуални цисродови сограѓани. Предметите за документираните злосторства од омраза кон нив се заглавени во умствените и правните лавиринти на обвинителството, а трендот на неказнивост на сторителите на насилство го нормализира и охрабрува таквото однесување. Правдата ќе биде задоволена тогаш кога еднаквоста ќе стане реалност, а човековото достоинство – нормативен концепт“, нагласи тој.

Фото: НМХТ

Според Кочо Андоновски, парадата останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството.

„Прајдот е крик во име на милионите луѓе соочени со социјално исклучување, нарушена телесна автономија и ограничен пристап до услуги кои се достапни за сите останати. Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на нашата борба за еднаквост“, изјави тој.

На прес-конференцијата свое обраќање имаше и Катерина Иванова, која повика да се излезе за љубов бидејќи во време на криза, војна и сиромаштија, лесно се заборава на љубовта, а омразата уште полесно ги окупира мислите и срцата на луѓето.

„Само со љубов можеме да се спротивставиме на насилството на кое различните се подложени и тогаш кога за сите други владее мирот. Затоа што никој не смее да биде лишен од правото да љуби или, пак, да биде прогонуван поради тоа што нивната љубов не е признаена со норми и закони. Затоа што љубовта мора да победи“, додаде Иванова.