Трамп им се закани на „предавниците и кукавиците“ кои даваат информации на медиумите

Претседателот на САД, Доналд Трамп упати жестоко предупредување кон луѓето од неговиот тим, кои го организираат протекување на информации во медиумите.

„Така наречените протекувања на информации од Белата куќа, многу се преувеличуваат од медиумите, кои пуштаат лажни вести, за да не претстават што е можно понегативно. Авторите на овие протекувања се предавници и кукавици и ние ќе ги откриеме“, напиша Трамп на Твитер.

Гневот на претседателот на САД доаѓа по забелешките на Кели Садлер, членка на тимот за комуникации на Белата куќа, за сенатор Џон Мекејн, кој страда од рак на мозок.

На внатрешен состанок, Садлер изјави дека неговото противење на изборот на Џина Хаспел за директорка на ЦИА „не е важно, бидејќи Мекејн и онака умира“.

Неколку месеци по преземањето на функцијата, Трамп вети дека ќе ги „фати“ они кои изнесуваат информации, и ги нарече „бандити“.

 

МИА