„Тетово сака парк“: Како се дозволува да се шири смртоносниот вирус „висококатници“ во Тетово?

Иницијативата „Тетово сака парк“ поднесе барања за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и до Државниот управен инспекторат. Од „Тетово сака парк“ велат дека општината го суспендирала штетниот ДУП за УБ 57а, кој се однесува на просторот на поранешно ШИК „Јелак“, а од друга страна на истата локација издала одобрение за градба на висококатница, нешто што директно, како што велат, негативно се одразува на последниот потенцијален простор за зелена зона во градот.

„Општината, покрај тоа што ја игнорира иницијативата за прв вистински парк во Тетово, а со тоа ја демонстрира и незаинтересираноста за потребите на граѓаните, работи на недоволно транспарентен начин“, велат од иницијативата.

„Нам, жителите на Тетово, ова ни е нејасно. На докажано штетен ДУП, а јасно изразена волја и потреба за нови, зелени концепти од страна на луѓето и на соопштена суспензија на планот од Општината, како се дозволува да се шири смртоносниот вирус наречен ‘висококатници’ и на тој простор?“, стои во реакцијата на „Тетово сака парк“.

Истакнати граѓани на Тетово под слоганот „Тетово сака парк“ покренаа иницијатива последниот зелен простор во градот да се пренамени и искористи за изградба голем парк бидејќи во Тетово сѐ уште нема парк.