„Тетово сака парк“ – 60 тетовци со иницијатива за повеќе градско зеленило

Под слоганот „Тетово сака парк“ над 60 истакнати граѓани од Тетово покренаа иницијатива за формирање градски парк со кој ќе се формира првиот вистински зелен појас во градот за кој велат дека ќе биде долгорочен влог во хуманизацијата на јавниот простор.

Обвинителката Ленче Ристоска, професорите Каролина Ристова-Астеруд и Мишел Павловски, диригентот Ивица Зориќ и сликарот Павле Кузманоски се само дел од подносителите на предлогот до Општина Тетово со кои бараат да се утврди потреба од формирање на градски парк и свикување јавна седница на Советот за овој предлог.

Од иницијативата предлагаат новиот градски парк да биде формиран на просторот од десната страна на бул. „Видое Смилевски – Бато“, на потегот од ул. „29 Ноември“ до ул. „Борис Кидрич“, како и од левата и десната страна на бул. „Видое Смилевски – Бато“ на потегот од ул. „Борис Кидрич“ до ул. „Љубо Божиновски – Пиш“. Според нив ова е последниот простор кој може да добие ваква намена во градот, кој доминантно е во државна сопственост.

„Неопходноста од прифаќање на овој граѓански предлог и неговото итно ефектуирање лежи во веќе неподносливата и повеќедецениска негрижа на општината за јавниот простор и квалитетот на живеењето на сопствените граѓани, на свесната бетонизација и узурпација, на урбицидот и поставувањето на јавниот интерес на последното место. Тетово има огромна, насушна потреба да добие зелен појас, да постави нов курс во управувањето со јавниот простор, но и нови цели на урбанизмот втемелени на потребите на човекот, а не на приватниот капитал. Тетово нема потреба од бетон, висококатници и станбен капацитет кој е нереално да се исполни, туку од хуман и здрав јавен простор, зеленило и јавна чистота, нов градски лик достоен за времето во кое живееме“, порачуваат од иницијативата.

Од „Тетово сака парк“ велат дека новите ДУП-ови неопходно е да бидат изработени по претходно спроведен јавен конкурс, по можност интернационален на кој ќе се изберат најдобрите плански решенија. Со цел квалитетна и урбанистички издржана реализација на предложеното, неминовно е во јавниот конкурс целото подрачје да се третира како природно инхерентна пешачка целина, без разлика што истата лежи врз формално одвоени четири урбани блокови. Во процесот треба да биде вклучена и јавноста како и стручната фела.

„Имајќи предвид дека само од Советот на Општина Тетово зависи дали ќе биде формиран првиот вистински зелен појас – градски парк во Тетово, и тоа на денес неискористен простор, простор кој делумно е погрешно и несоодветно употребуван, но и простор врз кој веќе се пројавени интереси за изградба од различни заинтересирани страни, го поднесуваме овој граѓански предлог со надеж и вистинска верба во професионалниот и човечки интегритет на секој еден член од Советот на Општина Тетово, како и нивната посветена служба на јавното добро“, стои во објавата на иницијативата.