„Тетово сака парк“: Дали Ајдучко Маало треба да биде следната жртва?

„Нашата иницијатива, но и повеќемина локални жители и членови на совет на општина Тетово добија вознемирувачки непотврдени информации кои говорат дека во следниот период можно е уништување на малото паркче во ‘Ајдучко Маало’ и изградба на катна гаража на негово место“, реагираат од тетовската иницијатива „Тетово сака парк“.

Соочени со многудецениската негрижа за функционирањето на градот, велат тие, недозволиво е општината да размислува за справување со сообраќајнот метеж со половични „решенија“ кои создаваат други поголеми проблеми.

„Јавно ѝ предочуваме на Општина Тетово дека реализацијата на таквата идеја е целосно неприфатлива не само за мештаните во ‘Ајдучко Маало’, туку и за сите жители во градот, и ќе повлече нови начини на изразување на револтот. Тој мал парк е место кое создавало спомени на многу генерации и е една од ретките зелени точки во градот Тетово“, се вели во реакцијата.

Го повикуваат градоначалникот Биљал Касами и сите советници веднаш јавно да кажат дека паркот заедно со теренот во „Ајдучко Маало“ нема да се чепка, дека ќе опстои со целата своја површина и дека редовно ќе се одржува на соодветен начин, ќе се чисти и развива со нови садници и урбана опрема.

„Целата населба таму е заложник на зонското паркирање на булеварот ‘Маршал Тито’ и близината на градскиот пазар, па наместо излегување во пресрет на барањата на луѓето, неприфатливо е уништување на она малку јавно добро што останало“, стои во реакцијата.

Според „Тетово сака парк“, ваквата деградација на живеењето во станбени населби со индивидуални куќи поради недоволно промислени или половични решенија во делови од градот блиску до нив, е недозволиво.

„Коректно е општината во ваквите населби барем да ги реновира улиците кои се прекумерно оштетени од зголемениот проток на возила, како и да компензира за намалениот квалитет на живот со ново улично осветлување и нови тротоари со дрвореди, како и да изнајде начини за да го дестимулира несоодветниот интензитет на паркирање што во населби како ‘Ајдучко Маало’ е голем проблем“, велат од иницијативата.

Од таму посочуваат дека постојат многу начини за да се пресретне сообраќајниот метеж и навиката за неразумно користење на приватно возило.

„Уништување на зелени подрачја за да се задоволат автомобилите или приватните инвеститори за сметка на благосостојбата на човекот не е решение! Нема да дозволиме Ајдучко да биде новата жртва!“, се вели во реакцијата.