Техничкиот премиер Спасовски ја повика ДИК да ги соопшти резултатите од изборите

Државната изборна комисија (ДИК) е должна да излезе на прес-конференција и да ги соопшти официјалните резултати кои ги очекуваат граѓаните, изјави на денешната прес-конференција техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Повеќе од 19 часа, веб-страницата на ДИК е речиси нефункционална, а со тоа граѓаните не можат да ги имаат на увид резултатите, но и симулацијата на комисијата од вчерашните предвремени парламентарни избори.

Во текот на вчерашната ноќ, целосно беше оневозможено следењето на податоците бидејќи сајтот на ДИК беше недостапен, а оттаму посочија дека собирањето и обработката на податоците течат без проблеми, a дека е оневозможено само нивното следење.

Од ДИК информираа дека најверојатно се работи за хакерски напад врз сајтот. После одредено време следењето на резултатите се одвиваше импровизирано, односно, преку директен стрим од ДИК на Јутјуб.

Александар Пајковски од компанијата „Дуна“ чија апликација е поврзана со изборниот процес на предвремените парламентарни избори, денеска преку соопштение посочи дека таа функционирала најнормално, затоа што, како што вели, е врвно изработен продукт.

„Таа беспрекорно даваше резултати за излезноста на секои пет минути. Но, страницата на Државната изборна комисија, каде беше поставена нашата апликација, беше цел на хакерски напад. Ние успешно ја завршивме работата. Доколку не постоеше оваа апликација, тогаш резултатите ќе се броеја рачно“, посочи Пајковски.

„Нашата апликација е беспрекорна, но интернет страницата беше атакувана преку т.н. софтверски тероризам со сили од повеќе странски држави“, додаде тој.

Порталот „Сакамдакажам.мк“ денеска пренесе дека компјутерската фирма „Дуна“ го добила поништениот тендер за набавка на софтер за веб-страницата на Државната изборна комисија без потпишана изјава за сериозност, а не ги исполнила ниту трите минимални услови.

Преку соопштение денеска од ДИК соопштија дека се уште се врши прием на материјалот од општинските изборни комисии, и при тоа рачно се проверуваат записниците за сумирање и утврдување на резултатите од избирачките места (записници бр.16) , како и записниците за сумирање и утврдување на резултатите од општините (записник бр. 21), со цел, како што велат, точно да можат да се утврдат неофицијалните конечни резултати. Најавија прес-конференција за попладнево.

Вчера, цел на напад беше и најголемиот агрегатор за вести „Тајм.мк“. Преку Твитер, Игор Трајковски објави дека после 22 часот почнал „DDOS“ напад на страницата, во која постепено биле ангажирани над 35 милиони ИП-адреси кои генерирале илјадници „кликови“ во секунда.

„Имаше кратки прекини на работењето, но претежно сајтот издржа. Тоа е прв дел кој немам докази дека е поврзан со вториот дел од нападот кој заврши со превземање на нашиот сервер. За жал, немавме најдобра заштита, наша грешка, која ја поправивме да не се повтори. За вториот дел со сигурност тврдам дека е некој поврзан со некој од сајтовите кои ги индексираме, поради тоа што само така можат да ни ја дознаат ip адресата“, стои во неговиот твит.

Вчера пак, за време на изборниот процес, речиси цел ден, недостапна беше и веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.

Рано утринава пак, од Министерството за внатрешни работи информираа дека во непосредна близина на наплатната станица Тетово се запалило моторно возило во кое се пренесувал избирачкиот материјал од Општинската изборна комисија Гостивар во Скопје. Притоа, материјалот не бил општетен и истиот бил префрлен во друго возило и испратен во Државната изборна комисија.

Право на глас на овие избори имаа 1.8 милиони граѓани на 3.480 избирачки места.

[Времеплов] Сите лица на македонските парламентарни избори