Парламентарни избори: Благо водство на коалицијата на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ

„Мртва трка“, славје кај најголемите партии, но и воздржаност, како и неколку хакерски напади ја одбележаа вечерта додека се следеа изборните резултати од македонските парламентарни избори 2020.

Портпаролот на Државната изборна комисија Адмир Шабани соопшти дека од обработени 93.96% од податоците на целата територија, Коалицијата „Можеме“ има освоено 36.13%, додека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 34.65%. ДУИ има освоено 11.57% од гласовите, Алијанса за Албанците 8.79%, додека Левица има освоено 3.96% од гласовите. ДПА освои 1.48%, додека политичката партија Интегра 1.33% од гласовите.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев прогласи победа од прес центарот на партијата. Претходно тоа го стори и лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој прогласи победа во албанскиот блок.

Поради тесната разлика, од невладината „Мост“, иако најавија, сепак не ја објавија проекцијата на распределбата на мандати по изборни единици. Од ДИК пак ќе почекаат да се финализира собирањето на сите податоци. Во текот на вечерта, целосно беше оневозможено следењето на податоците бидејќи падна сајтот на Државната изборна комисија. Оттаму потенцираа дека собирањето и обработката на податоците течат без проблеми, но е оневозможено само нивното следење.

Нешто по полноќ, хакиран беше и најголемиот агрегатор на вести, Тајм.мк, кој брзо успеа да го реши проблемот и да ја врати страницата назад.

Десеттите парламентарни избори завршија со одзив од нешто над 50%. Право на глас имаа 1.814.263 гласачи кои можеа да гласаат на 3.480 избирачки места, за кандидатски листи на 15 коалиции и партии. Гласањето почна во седум часот, а траеше до 21 часот. За првпат во македонската историја се гласаше во среда, по посебен протокол за заштита од новиот коронавирус.

Сите лица на македонските парламентарни избори

Ова беа и најдолгите избори во македонската историја, кои траеја три дена. Првиот ден гласаа 723 заболени од Ковид-19 или лица во домашна изолација, а на вториот ден од гласање своето избирачко право го искористија болните и немоќни, лицата во старските домови и затворениците.