Парламентарни избори: Излезноста нешто над 50%, сајтот на ДИК недостапен

Во очекување на првичните резултати од парламентарните избори 2020, падна сајтот на Државната изборна комисија (ДИК) поради што, граѓаните во моментов може да ги следат резултатите само преку директен стрим од ДИК на Јутјуб.

Како што информираа од ДИК, за надминувањето на проблемот работат ИТ експерти, а се сомневаат на ИТ напад врз сајтот.

Излезноста на денешните избори надмина нешто над 50%, а право на глас имаа 1.8 милиони граѓани на 3.480 избирачки места. Гласачките места се отворија во 7 часот, а гласањето заврши во 21 часот, поради посебниот протокол за гласање поради пандемијата на Ковид-19.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев претходно на прес-конференција оцени дека изборниот ден минал во мирна и демократска атмосфера.

„Заклучно со 20 часот на подрачјата на сите осум сектори за внатрешни работи во текот на денешниот ден, од отворањето на гласачките места вкупно биле евидентирани 151 настан, од кои што за 31 настан во наодите по пријавите не се потврдени, додека констатирани се 9 прекршоци. И тоа, три од член 16, лажно пријавување на настан, или повикување на помош со цел да излезе службено лице, од законот за прекршоци против јавниот ред и мир, три прекршоци од изборниот законик и по еден прекршок по член 4, викање и карање на јавно место и член 14, односно, постапување спротивно на наредба на службено лице, од законот против прекршоци против јавниот ред и мир“, рече Чулев.

Како што посочи Чулев, осум лица биле приведени. Од нив, четворица поради фотографирање на гласачко ливче, три лица за сторени пркршоци, а едно лице поради тоа што кај него биле пронајдени две гласачки ливчиња.

Сите лица на македонските парламентарни избори