„Театарот се врати дома“ – Отворен 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

На платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше отворено 57. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

На официјалниот дел одлично предвестие беа живите статуи на „Театроск“ и настапот на скомрахите, во изведба на студентите на Факултетот за драмски уметности од Скопје.

Лауреатите на животно дело, Петар Темелковски и Петар Мирчевски, ѝ се поклонија на прилепската публика.

„Сум рекол многупати, а особено тоа го сфатив кога додека бев уметнички директор на фестивалот, дека прилепчани си го чуваат фестивалот како во кожурец. Сите заедно сте заслужни за оваа голема театарска манифестација која во оваа вечер со голема гордост и успех зачекорува во вториот дел од своето столетие и се надеваме дека сите години ќе бидат волку убави. Или како што рекол Цепенков: Да бидете здрави и живи, да сме здрави дур сме живи, да сме живи дур сме здрави!“, рече Темелковски.

„Во моите 43-4 години професионална актерска дејност, сум имал можност многупати да настапам на овој фестивал и најголем впечаток ми останува тоа што публиката што доаѓа знае кога како и каде да реагира. Да не бевте вие, публиката, немаше ниту ние да бидеме тоа што сме. Затоа ве поздравувам, уште долго да трае и на вас публиката длабоко ви се поклонувам“, истакна Мирчевски.

На свеченото отворање му претходеше отворање на ретката родокрајна изложба на фотографии од важни стари изданија, како и дела од Коле Чашуле, автор во фокус на фестивалот.

„Од првиот момент кога Собранието на фестивалот ме избра за уметнички директор и претседател на собранието, почнав да ја креирам сопствената визија за тоа како сакам овој фестивал да личи. Со фестивалот растев, од фестивалот го учев и засакував театарот, за фестивалот се градев во својата професионална област. За мене Прилеп секогаш ќе биде првата слика за фестивалот и фестивалот ќе биде првата слика за Прилеп. Затоа нема многу да ги користам зборовите, се надевам овие емоции на благодарност ќе дојдат до секој еден од вас што помогна да ја остварам мојата визија. Сите предизвици, несогласувања, прилепскиот инает, емотивниот поетски крик во мене, сериозниот театролог, трпеливоста на професорката, се претопуваат во благодарноста и радоста што сме денес овде“, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

Прва претстава од официјалната програма на фестивалот синоќа беше изведена „Нема струја за електричниот стол“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес.

Програма за сабота 10 јуни

Театарот „Војдан Чернодрински“ ќе ја изведе претставата „Мистерија Буфо“ во режија на Андреј Цветановски вечерва во 19.30 часот на нивната матична сцена. Половина час претходно, во холот на Центарот за култура ќе биде отворена изложбата на костими и фотографии на Благој Мицевски, на која ќе бидат изложени костими од претставата „Тартиф“ на Народниот театар од Битола, како и странски проекти.

Актерката Ангела Стојановска во 17 часот, во кафе-бар „Лувр“ ќе го изведе перформансот „Срам“ во продукција на „Тиит! Инк.“, а реализирана во соработка со режисерот Милош Андоновски и драматургот Ева Камчевска.

Денеска во 12 часот е закажана и првата тркалезна маса, на која ќе се разговара со тимот на велешката претстава „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски, со која беше отворен фестивалот.

Во 23 часот следува настапот на студентите од Факултетот за драмски уметности, со нивна дипломска претстава.

Од денеска во рамките на фестивалот е достапна и аудиособа во која публиката може да слушне театарска музика на македонски композитори.

Покровители на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ се Министерството за култура и Општина Прилеп. Спонзори на фестивалот се: Пакомак, Прилепска пиварница, Витаминка. Посебна благодарност до Бит крафт, што ја направија фестивалската интернет-страница. Пријатели на фестивалот се: Театар за сите, Самоглас, Гледај.мк, Умно.мк, МТВ, Донирај компјутер, кафе бар „Лувр“, Монарка – гастробар, Македонија осигурување, Македонска куќа, Урбан ера, Чоше, Брос бургерс, Аура, Каре, хотелите Кристал Палас, Атлас и Салида и други Медиумски покровител е МРТ.

Фотографии: МТФ „Војдан Чернодрински“