Татко од Швајцарија штрајкуваше со глад 39 дена поради климатските промени

На 9-ти август, ќерката на Гиљермо Фернандес го славеше својот 13-ти роденден. Истиот ден Меѓувладиниот панел за климатски промени го објави својот алармантен извештај за климатските промени.

Во тој момент сфатил дека иднината на неговата ќерка ќе изгледа како пекол.

„Она што ме погоди е што тие податоци и бројки, кои ги знаев отприлика, наеднаш го прикажаа очајот на мојата ќерка во нејзините очи кога ќе има 23 години. Како татко кој ја сака својата ќерка не можев да прифатам тоа да се случи без да направам ништо со кое ќе се обидам да ги сменам нештата“, вели Фернандез за Еуроњуз.

На 1-ви ноември, овој 47-годишен татко на три деца одлучува да ја напушти својата работа во ИТ секторот и да седне на плоштадот пред парламентот во Берн, Швајцарија и да започне штрајк со глад.

Неговиот протест, кој на социјалните мрежи се ширеше под хаштагот #ТаткоНаШтрајкСоГлад (#PapaOnHungerstrike) предизвика швајцарските пратеници да се информираат и едуцираат за научните факти во врска со климатските и еколошките проблеми, а тој самиот вели дека бил спремен да умре за политичарите да започнат да ја третираат сериозно климатската криза.

„Никогаш не сум бил активист или милитант, никогаш не сум бил политизиран да бидам искрен. Но, се чувствував осамено и сакав да откријам што можам да направам со она што е во моите раце“, вели Фернандез.

Не поминало многу време од почетокот на штрајкот кога стотици луѓе почнале да му даваат поддршка. Меѓу нив и експерти од Меѓувладиниот панел за климатски промени, како и Меѓувладината научно-политичка платформа за биодиверзитет и екосистем.

„Тоа беше целосно неверојатен и магичен момент. Од првиот ден луѓе приоѓаа со ќебиња, топол чај… прашувајќи што ми треба и како можат да помогнат“, објаснува Фернандез.

Многу од нив со себе ги имале истите грижи за иднината на нивните деца и внуци, споделувајќи го сознанието дека не се сами во своите стравови. Други, пак, му нуделе топло место каде може да преспие покрај градскиот плоштад.

На 29 ноември, 26 климатски научници од Швајцарија, меѓу нив и автори на алармантниот извештај, испратиле писмо до парламентот со поддршка за барањата на Фернандез и со понуда за итно организирање обука на политичарите.

„Швајцарските климатски политики не се доволни за да се совпаднат со долгорочната цел за растот на температурите договорени во Договорот од Парис, а Гиљермо Фернандез е веќе во петтата недела од неговиот штрајк со глад“, напишале научниците во писмото.

Фернандез вели дека им го должи животот на овие луѓе.

„Кога ќе размислам сега, навистина е неверојатно, бидејќи сите овие мали нешта ми помогнаа да ја преживеам оваа приказна.

На 17-тиот ден од неговиот штрајк со глад, пратеничката до која биле упатени неговите барања, Симонета Сомаруга, го посетила. Додека пиеле шолја чај му пренела дека се чувствува заглавено и дека дел од законите насочени кон намалување на јаглеродните емисии не успваат да поминат во парламентот. Средбата го загрижила Фернандез.

„Тој ден сфатив дека таа ќе ме остави да умрам. Воопшто не и беше гајле. И тоа беше страшно откритие“, вели тој.

Сепак, реакциите од народните избраници не биле целосно црни. Една група, за која вели дека му е многу драга, биле женските политичари од различни партии кои му изразиле поддршка.

Минатиот четврток Фернандез прогласи победа откако пратениците се сложиле да добијат обуки од водечките научници за последните истражувања поврзани со климатските промени.

По 39 дена тој изгубил 20 килограми и го завршил штрајкот јадејќи банана пред зградата на законодавната власт.

Швајцарските пратеници пак се поканети на презентација на научните факти на 2 мај 2022 година. Иако никој од нив не може да биде принуден да присуствува, тоа ќе биде показател за граѓаните кои ги избрале – кој колку се грижи за иднината на Планетата. Фернандез додава дека оние кои нема да дојдат на тој настан ќе имаат одговорност за тоа.

„Нашите деца ќе живеат низ пекол доколку не сториме ништо. А, дури и доколку сториме – ќе биде тешко“, вели тој.

Оние кои застанаа во поддршка на штрајкот со глад веќе се во контакт со политичарите низ Швајцарија и дискутираат како да се забрза акцијата против климатската криза.

А Фернандез, по добиената поддршка, се надева дека гласовите на оние што бараат да се дејствува ќе бидат позастапени во овие разговори.

Извор: Еуроњуз