„Таќе-ваќе“ – лексикон од стари зборови на тетовски јазик

Дали знаете што е „ќесметатлија“, или „курдисуење“? Се работи за зборови од тетовскиот дијалект, кои заедно со други 9167 зборови се најдоа во книгата „Тетовски говор“.

„Тетовскиот говор – енциклопедиски речник и граматика на тетовскиот градски говор со историски и етнолошки осврти“, втората книга на тетовчанецот Дарко Гавровски, излезе од печат во јануари, а во јули беше промовирана во Тетово.

Гавровски за Радио МОФ вели дека зборовите ги собирал 20 години, а интервјуирани биле над 60 тетовчани.

„Тие беа испрашувани за старите корза, маалата, сокаците, за правилата на старите дестки игри, за адетите за свадба, за Велигден, за куќните слави, рецепти на стари јадења. Запишани се деталите, алатите и производите на сите занаети. Запишана е локалната градска топонимија и ставена на карта. Тоа беше навистина макотрпен труд. Извори за многу стари зборови кои денес ретко се користат беа и над 600 книги користена библиографија“, објаснува тој.

Книгата „Тетовски говор“ е исполнета со  со толкување, етимологија, фреквенција на користење на старите зборови во последните 100 години, но и со историски или етнолошки осврт поврзани со секој збор.

Сл’нце (сонце), с’н (сон), дл’г (долг), м’гла (магла), т’нок (тенок), ноќум (ноќе), д’њум (дење), скришкум (скришно) се само дел од зборовите кои може да се најдат во лексиконот.

„Тетовскиот говор е познат и по т.н. палатализација на К и Г во Ќ и Ѓ па имаме –  таќе (така), ваќе (вака), руќе (раце), друѓи (други), блаѓи (благи), анѓеу (анѓел). Во градскиот тетовски говор се задржале многу турцизми, па и до ден денес се користат сандалија (за столица), сурѓија (за фиока), аџеле (важно, битно), ељбет (евентуално), курдисуење (местење, стокмување), назлифатме и ќесметатлија (видови парено благо)“, објаснува Гавровски.

Фото: Википедија, Дарко Гавро

Тој додава дека покрај  деталната граматика на тетовскиот говор, поголемиот дел од книгата опфаќа лексикон од 9169 зборови од овој локален дијалект. Според Гавровски, книгата е важна бидејќи преку неа за навек  е овековечен еден од најубавите македонски говори и засега е најдетална  енциклопедија посветена на било кој говор од македонскиот дијалектолошки ареал.

„Засега Тетово со „Тетовскиот говор“ е прво вакво сеопфатно дело во Македонија. Останува ентузијасти од други градови да побрзаат да ги впишат зборовите од нивните говори додека се уште има доволно стари луѓе кои ќе бидат извор за истото. Во спротивно тие говори ќе останат само со сегашниот новоговор“, вели Гавровски.

Зборувајќи за важноста на дијалектите, Гавровски забележува дека во ерата на модерен живот, унифицирано образование и медиуми се повеќе луѓе го избегнуваат и забораваат локалниот говор.

„Затоа ваквите дела се кодификација на говорот на едно место во едно време. За Тетово ова запишување во една книга – е од посебно значење. Искрено се надевам дека сè повеќе македонски автори ќе пишуваат дела за својот и на својот мајчин локален дијалект, зошто несомнено дијалектите се најголемото богатство на еден јазик“, истакнува тој.

Книгата е достапна онлајн, преку нарачка на профилот на Гавровски со праќање по брза пошта, во нашата земја и во странство.

Ивана Смилевска