Касами: Социо-културниот простор – Тетово да го ослободи просторот и да аплицира како сите други

Откако волонтерите на Социо-културниот простор Тетово ја обвинија тетовската локална власт дека им го одзема просторот каде што функционираат во поранешниот објект на Радио Тетово, денеска градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, на пресконференција ги обвини волонтерите за манипулација и обид да ги присвојат просториите кои им биле дадени на користење.

„Од кога ја презедовме локалната власт, дојдоа многу здруженија кои побараа јавен простор  за реализација на нивните активности, но не бевме во можност да им го обезбедиме. Општината одлучи да го реорганизира користењето на објектот  на Радио Тетово, така што сите здруженија, кои се активни во нашата општина, вклучувајќи и споменатата, ќе можат да аплицираат правично и еднакво со проекти кои би ги реализирале во овој објект, а тоа ќе се прави преку Одделението за култура и спорт при Секторот за јавни дејности“, рече Касами.

Во врска со обвинувањата од Социо-културниот простор Тетово дека Општина Тетово го прекршува меморандумот кој го потпишала со здружението, Касами вели дека во таков документ нема услови и обврски кои мора да бидат спроведени од страните кои го потпишале, ниту пак постои друг документ со кој им е дозволено користење на просторот од здружението.

„Остануваме на нашиот став дека горенаведеното здружение мора да го ослободи просторот и да аплицира како и сите други организации за користење на објектот во одредени дејности. Ниту е фер, ниту имаат ексклузивно право просторот да го користат само за нив, туку истиот ќе го делат со другите здруженија кои ќе изразат интерес и потреба од користење простор, а општината секогаш ќе им излезе во пресрет“, рече Касами.

Од денешната пресконференција на Касами / Фото: Општина Тетово

Градоначалникот, дополнително, изјави дека за активностите на здружението добиле поплаки од родители,

„Земајќи ги во обѕир поплаките упатени до Општина Тетово од родители кои се пожалија дека ова здружение има активности од поинаков карактер, кои немаат врска со културните вредности, туку користат средношколци, па и основци кои всушност се малолетни, ние како Општина сме должни да ги заштитиме имотот и јавниот интерес, сносејќи одговорност за секаков вид на несреќа што може да се случи.

Социо – културниот простор – Тетово претходно информираа дека минатиот понеделник добиле известување од Општина Тетово во кое се бара да го ослободат просторот. Волонтерите се обратија до јавноста барајќи поддршка за зачувување на просторот што, како што велат, самите го ревитализирале и го користеле четири години.

„Ние не сме подготвени да го напуштиме просторот. Со години инвестиравме не само финансиски туку и доброволно со нашите напори за овој простор да биде отворен за сите“, рекоа вчера од „Социо – културниот простор Тетово“.

„Social Cultural Space Tetova“ бара јавна поддршка откако општината побара да го ослободат просторот