Во Тетово се исекоа стогодишни дрвја при реконструкција на улица

Десетина дрвја денеска се исечени во Тетово на Улицата „Страшо Пинџур“ која се реконструира во центарот на градот.

Граѓани и активисти на социјалните мрежи реагираат за ваквиот потег на комуналните служби од Општина Тетово, посочувајќи дека немало никаква најава за вакви активности.

Елмедина Абдулаи, советничка во Општината од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“, преку Фејсбук објави фотографии од сечата и побара одговорност.

„Тој што дал мислење, дозвола и одлучил за ова… Срам да ви е! Скандалозна одлука на Општина Тетово, сега да видиме кој ќе поднесе одговорност за овој срамен чин“, напиша Абдулаи.

Реакгираа и од „Подобро за Тетово“ кои сечата на дрвја ја нарекоа „масакр“.

„Ние како Подобро за Тетово најостро го осудуваме масакрот кој се случи врз дрвјата на ул. „Страшо Пинџур“, ваквото неодговорно однесување на Општина Тетово никако не може да се оправда. Во овој случај не само што е оштетена животната средина, во град кој не задоволува никаков законски стандард во однос на зелените површини, истовремено е оштетено и долгогодишното културно наследство. Скандалозно е што не се знае дали при издавање на дозволата за реконструкција на улицата е подготвен и елборат за животна средина. Секако ќе побараме одговорност врз законска основа“, велат од граѓанската иницијатива.

Во Фејсбук групата „Го љубим Тетоо“ граѓани коментираат дека дрвјата на Улицата „Страшо Пинџур“ се садени уште во далечната 1929 година.

Од Општина Тетово преку соопштение до јавноста велат дека дрвјата ќе се заменат поради староста.

„Денеска започнаа работите за целосно санирање на улицата „Страшо Пинџур“, согласно сите потребни стандарди. Ќе се заменат и дрвјата поради староста и поради тоа што ги оштетуваат тротоарите. Ќе бидат засадени нови дрвореди, кои нема да ги оштетуваат тротоарите. Апелираме до граѓаните да имаат разбирање, бидејќи улицата ќе биде блокирана до завршување на сите работи. Наскоро ќе имаме функционална и уредена улица за сите граѓани и бизниси лоцирани во овој дел на градот“, велат од Општина Тетово.

Оваа улица првично беше раскопана уште за време на мандатот на претходната локална власт, а овие денови интензивирани се активностите за реконструкција на патот кој се наоѓа во самиот центар на Тетово и води до градскиот плоштад.

* Текстот е надополнет со реакцијата на иницијативата „Подобро за Тетово“

Даниел Евросимоски