Тајван им нуди 150 евра на туристите, во обид да го зголеми бројот на посетители

Тајван им нуди на туристите нешто повеќе од 150 евра за одмор оваа година во обид да го зголеми бројот на посетители, јавува Евроњуз.

Оваа источноазиска земја се обидува да пречека шест милиони туристи во 2023 година и се надева дека со финансиски средства од 158 евра ќе успеат да привлечат што повеќе туристи.

Министерството за транспорт и врски, исто така, им дава на туристичките агенции субвенции до 633 евра за секоја група туристи што ќе пристигне во земјата.

Министерот Ванг Кво-цаи го објави предлогот неделава и објасни дека наменетите пари ќе бидат испорачани дигитално и ќе можат да бидат наменети за сместување и други трошоци во земјата.

Ваквиот чекор е дел од обидот за обнова на туристичкиот сектор во земјата по пандемијата со коронавирусот. Тајван беше една од последните земји што ги укина рестрикциите за влез во земјата поради коронавирусот во октомври 2022 година.

Според тајванскиот туристички одбор, во 2022 година земјата ја посетиле нешто помалку од 900.000 луѓе. Тоа е голем пад од 2019 година кога земјата имаше рекордни 11.8 милиони меѓународни посетители.

Плаќањето туристи за посета може да звучи како необичен начин за надополнување на буџетот, но, голем број земји користат стимулации за ребалансирање на туристичките нивоа по пандемијата.

Хонг Конг, на пример, одлучи да подари 500.000 авионски билети за да привлече повеќе посетители.

Хонг Конг ќе подари 500.000 авионски карти за да го зајакне туристичкиот сектор