Хонг Конг ќе подари 500.000 авионски карти за да го зајакне туристичкиот сектор

Хонг Конг соопшти дека ќе подари 500.000 авионски билети во вредност од 254.8 милиони долари, во обид да ја зајакне туристичката индустрија погодена од пандемијата на коронавирусот. Градот укина неколку од рестрикциите за коронавирусот во последните недели, јавува Радио Слободна Европа.

Сепак, големите авио-компании се борат да го вратат распоредот на летови на нивоата пред пандемијата. Британската авио-компанија „Вирџин Атлантик“ во средата објави дека ќе престане со работа во Хонг Конг поради проблеми поврзани со војната во Украина.

„Аеродромските власти ќе го финализираат аранжманот со авиокомпаниите. Кога владата ќе објави дека ќе ги укине сите ограничувања за коронавирус за патниците кои доаѓаат, ќе започнеме рекламни кампањи за бесплатни авионски карти“, рече Дејн Ченг, извршен директор на Туристичкиот одбор на Хонг Конг.

Ченг додаде дека бесплатните карти кои беа купени за поддршка на авио-компаниите во Хонг Конг за време на пандемијата, следната година, градските аеродромски управи ќе ги дистрибуираат на патниците кои доаѓаат и заминуваат.

До неодамна, Хонг Конг ги имаше едни од најстрогите правила во светот бидејќи ја следеше кинеската политика за нулта Ковид-19. Минатиот месец, владата на Хонг Конг соопшти дека повеќе нема да бара од луѓето кои пристигнуваат во градот да одат во хотелски карантин или да покажат негативен тест на коронавирус пред да се качат на летови за Хонг Конг. Сега, во рок од три дена по пристигнувањето, патниците мора да се надгледуваат за можна инфекција.