Поради протестите во Перу затворен познатиот туристички локалитет Мачу Пикчу – евакуирани се 418 луѓе

Перу го затвори својот познат туристички локалитет Мачу Пикчу на неодредено време поради тековните протести против новиот претседател на земјата, јавува Би-Би-Си.

Владата рече дека го затворила локалитетот и патеката што води до него, за да ги заштити туристите и граѓаните. Стотици луѓе кои со часови беа заглавени во подножјето на тврдината на Инките која датира од 15-тиот век, сега се спасени.

Насилните протести, во кои беа убиени десетици луѓе, започнаа кога претходниот лидер на Перу беше соборен.

Железничкиот сообраќај кон Мачу Пикчу беше прекинат во четвртокот, откако некои шини беа оштетени, наводно од демонстрантите.

Тоа остави 418 луѓе блокирани на локацијата, рече министерот за туризам Луис Фернандо Хелгуеро на вчерашната прес-конференција. Меѓутоа, до вчеравечер, Министерството за туризам објави дека сите 148 странци и 270 Перуанци биле безбедно евакуирани во возови и автобуси.

Тие не се првите посетители кои останале заглавени во Мачу Пикчу поради граѓански немири. Минатиот месец стотици туристи беа евакуирани со хеликоптер откако беа заглавени таму неколку дена.

Демонстрантите во Перу бараат нови избори и ја повикуваат новата претседателка Дина Буларте да се повлече. Тие бараат нејзиниот левичарски претходник, Педро Кастиљо, кој е во затвор и се соочува со обвиненија за бунт и заговор, да биде ослободен. Кастиљо ги негира обвинувањата и инсистира дека тој сè уште е легитимен лидер на Перу.

[Видео] Десетици повредени по судир со полицијата на протестите во Перу