СЗО: Употребата на тутун ширум светот опаѓа, и покрај напорите на тутунската индустрија да го промени трендот

Бројот на возрасни лица кои користат тутунски производи е во постојан пад во последниве години, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), но предупреди дека тутунската индустрија работи напорно за да го промени трендот, пренесува Данас.

Во 2022 година, приближно секој петти возрасен човек во светот бил пушач или користел други тутунски производи, во споредба со 2000 година, кога секој трет бил пушач. соопштија од здравствената агенција на Обединетите нации.

Новиот извештај кој ги разгледува трендовите во преваленцата на употребата на тутун помеѓу 2000 и 2030 година покажа дека 150 земји успешно го намалуваат трендот, се додава во извештајот на СЗО.

Но, додека стапките на пушење опаѓаат во повеќето земји, СЗО предупреди дека смртните случаи поврзани со тутунот се очекува да останат високи во наредните години.

Во моментов се проценува дека употребата на тутун убива повеќе од осум милиони луѓе секоја година, вклучувајќи околу 1.3 милиони непушачи кои се изложени на пасивно пушење, според статистичките податоци на СЗО.