СЗО: 70% од македонските пушачи започнале да пушат цигари на возраст до 21 година

С. Македонија е една од земјите со највисока преваленца на пушење тутун во европскиот регион на СЗО. Скоро половина од возрасната популација пуши редовно цигари, а 70% од нив започнале да пушат на возраст до 21 година. Пушачите, просечно пушат по 18 цигари на ден – речиси по едно пакетче.

Ова се дел од наодите од Студиите за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажувањето од тутунот во земјава, како и презентација на Случајот со инвестициите во тутунот во С. Македонија.

Студиите се изработени од страна на локалната канцеларија на СЗО, Министерството за здравство (МЗ), Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Програмата за развој на Обединетите Нации.

Наодите беа презентирани на денешниот настан, кој пак е организиран во пресрет на Светскиот ден без тутун, 31 мај.

„Студиите покажуваат дека пушењето и употребата на тутун во нашата држава е на загрижувачки високо ниво, односно половина од населението пуши цигари секојдневно. Во таа насока, со нашите партнери, разгледуваме и креирање нови, специфични активности за поддршка на спроведувањето на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, врз основа на ставовите на здравствените работници и на населението“, изјави Mинистерот за здравство, Фатмир Меџити.

Наодите од истражувањето ќе послужат како основа за препораки засновани на докази за намалување на потрошувачката на тутун во земјата. Наодите за увид во однесувањето и културата се дел од поширока група активности за подобрување на политиките за контрола на тутунот и нивното спроведување во Северна Македонија.

Во согласност со Глобалната стратегија за зајакнување на контролата на тутунот на СЗО , преку наодите се мерат трошоците и придобивките, и во здравствена и во економска смисла, од спроведувањето на деветте приоритетни мерки за контрола на тутунот и тоа:
– Зголемување на даноците на тутунот
– Создавање јавни места во кои не се пуши
– Задолжително истакнување здравствени предупредувања на пакувањата на тутунот
– Зголемување на јавната свест за прашањата поврзани со контролата на тутунот
– Воведување на обична амбалажа на тутунските производи
– Спроведување на сеопфатна забрана за сите форми на рекламирање
– Промоција и спонзорство на тутун
– Промовирање на прекинот на употреба на тутун и третман на зависноста од тутун
– Зајакнување на забраната за продажба на тутунски производи на малолетни лица
– Зајакнување на надзорот на политиките за контрола на тутунот