СЗО: Тутунот, алкохолот и преработената храна одземаат 7.500 животи дневно во Европскиот регион

Речиси 7.500 жртви дневно во Европскиот регион, што е скоро 25% од вкупниот број случаи, се припишуваат на комерцијални детерминанти, како што се тутунот, алкохолот, преработената храна, фосилните горива и професионалните практики, покажува новиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) за Европскиот регион.

„Напредокот во истражувањето и практиката на јавното здравје придонесе за растечко препознавање на улогата на комерцијалните актери како моќни детерминанти на здравјето, безбедноста и благосостојбата на луѓето ширум светот“, се вели во воведот од извештајот.

Според СЗО, комерцијалните практики и производи кои се закануваат и го поткопуваат креирањето на јавно-здравствените политики и целите не го добиваат потребното внимание. Оттаму велат дека итно треба да се примени нова одредница за комерцијалните прашања за да се спречи непотребната здравствена штета и нееднаквостите.

„Овој извештај има за цел да катализира ново размислување и дејствување за да помогне да се обезбеди здравје и еднаквост насекаде низ европскиот регион“, се истакнува во извештајот.

Целите на оваа публикација се да се објаснат вообичаените практики кои ги користат комерцијалните актери и да се бара мобилизација на политичките актери да препознаат непотребно комерцијално влијание и да преземат акција. Во неа се нагласува потребата од силни финансиски реформи и строга регулатива за да се ограничи моќта на индустриите и да се заштити јавното здравје.

Извештајот ја анализира секоја причина за оваа состојба, но и како може да се промени истата. СЗО дискутира за различноста на комерцијалните актери, нивните мотиви водени од профит и заедничките стратегии кои можат да му наштетат на јавното здравје, но и за маркетинг стратегиите кои негативно влијаат на оптоварувањето на незаразните болести, како и на нивната превенција, клинички третман и менаџирање.

„Тутунот, алкохолот, храната, фармацевтските производи и здравствената индустрија, имаат интегрирани маркетинг кампањи за гламуризирање и нормализирање на употребата на штетни производи, вклучително и штетните индустрии кои често се насочени кон децата и социо-економски загрозените групи“, стои во извештајот.

Исто така, од СЗО истакнуваат дека структурата на индустријата и пазарната моќ негативно влијаат врз јавните политики на незаразните болести, ги испитуваат начините на кои индустриите, како што се производството на месо, безалкохолните пијалоци и фармацевтските производи ја користат својата доминација на пазарот за да ги задржат монополските позиции, да ги прошират производните линии на нови сектори и да манипулираат со цените.