СЗО предупреди на опасност од ковид отпадот кој го загрозува здравјето на луѓето и животната средина

Десетици илјади тони дополнителен медицински отпад за време на пандемијата на коронавирус направија огромен товар на системот за управување со отпад во здравството ширум светот, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), предупредувајќи дека тоа го загрозува здравјето на луѓето и животната средина, пренесува „Данас“.

Глобалната анализа на СЗО, се заснова на проценки за околу 87.000 тони лична заштитна опрема набавена помеѓу март 2020 и ноември 2021 година и испратена како итна поддршка до државите преку заедничка иницијатива на Обединетите нации за вонредни состојби.

„Поголемиот дел од оваа опрема се очекува да заврши како отпад“, се наведува во анализата.

Ова е само иницијален показател за размерите на проблемот со отпадот од Ковид-19, истакнуваат авторите на анализата, нагласувајќи дека во неа не се земени предвид стоките набавени надвор од иницијативата на ОН, ниту отпадот кој го произведува светската популација, како на пример медицинските маски за еднократна употреба.

Повеќе од 140 милиони комплети за тестирање се испратени во земјите преку програмите на ОН, со потенцијал да произведат 2.600 тони незаразен отпад, воглавно пластика, како и 731.000 литри хемиски отпад.

Според анализата, ширум светот инјектирани се повеќе од осум милијарди вакцини, кои произвеле 144.000 тони дополнителен отпад, како шприцови, игли и сигурносни кутии.

Додека ОН и државите се справија со итната задача да обезбедат квалитетни набавки на опрема за лична заштита, посветено е помалку внимание на безбедно и одржливо управување со медицинскиот отпад поврзан со пандемијата на Ковид-19.