СЗО: Обезбедени скоро милијарда дози вакцини за посиромашните земји

Скоро една милијарда дози од водечките кандидати за вакцина против Ковид-19 се обезбедени за земјите со низок и среден приход во рамките на програмата Ковакс, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на вчерашната прес-конференција што се одржа во Женева рече дека 189 земји учествуваат во програмата „Ковакс“, пренесува Ројтерс.

Главната научничка на СЗО Сумја Сваминатан додаде дека организацијата очекува во следните недели да одлучи дали ќе одобри итна употреба на вакцини произведени од „Фајзер“, „Модерна“ и „Астра зенека“.

Одобрението на СЗО може да овозможи дистрибуција на вакцината во некои земји, каде што националните здравствени регулатори сè уште не се во можност да спроведат процени.

Сваминатан изјави дека најмалку десет компании се заинтересирани или поднеле барање за итно одобрување на кандидат за вакцина.

„Ковакс“ претставува глобална иницијатива на СЗО за праведна дистрибуција на залихите на идните вакцини против коронавирусот, и во богатите и во сиромашните земји.