СЗО: Индиската варијанта на коронавирусот предизвикува глобална загриженост

Варијантата Б.1.617 на коронавирусот која за прв пат се појави во Индија изминатата година, предизвикува глобална загриженост, соопштија од Светската здравствена организација, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

„Се работи за варијанта која предизвикува загриженост во глобални рамки. Постојат информации кои сугерираат за зголемена преносливост“, рече техничката шефица на СЗО Марија Ван Керхове.

Во понеделникот, бројот на новозаразени и починати од Ковид-19 во Индија се искачи на рекордно ниво.

СЗО соошти дека доминантната варијанта за прв пат е идентификувана во Индија во декември минатата година, иако е забележана и претходна верзија во октомври.

Оваа варијанта веќе се прошири и во други држави, а многу земји одлучија да ги блокираат или ограничат пристигнувањата од Индија.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус рече дека Фондацијата на СЗО ќе започне со кампања насловена „Заедно за Индија“, со цел собирање средства за снабдување со кислород и набавка на лекови и заштитна опрема за здравствени работници.