Судско досие – база на податоци со сите информации за предметите на СЈО

Од вкупно 20 судски предмети кои ги водеше СЈО до овој момент, само два се целосно завршени и е донесена пресуда. Голем дел од тие предмети се исполнети со нерегуларности, чести одложувања на рочиштата и слични неисправности во процедурите.

Овие и сите други информации поврзани со судските постапки на предметите кои ги водеше Специјалното јавно обвинителство можат да се најдат во новото „Судско досие“ креирано од коалицијата „Сите за правично судење“. Станува збор за веб-страница креирана од коалицијата каде се внесени сите дваесет предмети кои СЈО ги водеше заедно со сите информации поврзани со предметите.

„Коалицијата „Сите за правично судење“ е во судница веќе 15 години и за овој период постојано собира информации од судењата. Овојпат решивме сите информации кои ги имаме за предметите од СЈО да ги направиме јавно достапни за граѓаните“, изјави Натали Петровска, извршна директорка на Коалицијата, на денешната прес-конференција на која беше презентирано досието.

Таа додава дека сите 20 предмети на СЈО на овој начин ќе бидат јавно достапни и постојано ажурирани со цел граѓаните и медиумите слободно да можат да црпат информации. На страницата се систематизирани сите податоци за предметите, обвиненијата, обвинетите, датуми кога се одржале рочиштата кои се дел од јавните расправи како и кратки описи за тоа што се случувало на рочиштата напишани од набљудувачи на рочиштата кои се дел од Коалицијата.

„Ова сепак е се уште пилот проект. Иако страната е комплетна, таа е само почетна фаза од она што сакаме да го постигнеме. Ако страната се покаже корисна, планираме да ја надоградиме со сите високо профилирани предмети кои Kоалицијата ги следи“, дополнува Дарко Аврамовски, проектен координатор.

Како што објаснува, на горниот дел од страната се прикажани табови со сите предмети означени со нивните кодирани имиња, односно имиња доделени од страна на Специјалното јавно обвинителство. Кога ќе се отворат табовите, излегува целиот профил кој коалицијата го има направено за тие предмети. Профилот вклучува опис на надлежниот суд, јавниот обинител, обвинетите, текот на јавните расправи како и опис на пресудите кај оние предмети чии постапки се завршени

„Покрај сите овие информации, кај дел од предметите има и уште една алатка, мегафон, која означува предмет каде што има некаква јавна реакција од коалиција во однос на процедурални пропусти и забелешки во текот на судската постапка за предметот“, дополнува Аврамовски.

Проектот „Судско досие“ е имплементиран од страна на Коалицијата „Сите за правично судење“ во партнерство со Радио МОФ. Целта на овој проект, како што стои во самото досие, е да се подобри довербата на граѓаните во судството на Република Северна Македонија, да се подобри транспарентноста на Основниот суд Скопје 1 и транспарентноста на СЈО, како и да се олесни пристапот до информации поврзани со судски предмети од висок профил за медиуми, истражувачи, студенти и пошироката јавност.

Георги Божиноски