Судир помеѓу здравствени работници и полицијата на протест во Атина

Грчки здравствени работници вчера се судрија со полицијата во Атина додека протестираа пред парламентот поради предложените реформи поврзани со болничкиот персонал. Полицијата фрли солзавец врз демонстрантите кои го провоцираа кордонот полиција, пренесува „Н1“.

Засега нема информации за уапсени лица, а неколку демонстранти побараа лекарска помош поради потешкотии со дишењето. Пратениците вчера расправаа за предложените реформи во областа на здравствената заштита, кои вклучуваат нови насоки за препознавање на работното искуство на лекарите и медицинските сестри кои работеле во странство.

Синдикатите наведуваат дека реформата е дизајнирана да ги намали работничките права на болничкиот персонал, а владата тоа го демантира. Демонстрантите бараат и поголемиот број вработени на одредено време да бидат вработени неопределено.

Грчките здравствени синдикати често организираа протести за време на пандемијата, тврдејќи дека на исцрпениот болнички персонал не им била дадена доволно поддршка.