Христијани протестираа против „сатанистичката“ песна на Кипар со која влегоа во финалето на Евровизија

Неколку десетици православни христијани и членови на свештенството на тамошната црква држејќи дрвени распетија, икони на светци и транспарент на кој се покажува љубовта на Кипар кон Христа излегоа на протест во текот на вчерашниот ден, откако Кипар влезе во финалето на музичкиот фестивал Евровизија, поради песната за која тврдат дека промовира обожавање на Сатаната, јавува „Евроњуз“.

Протестот што се одржа наспроти канцеларијата на државниот радиодифузер РИК, беше втор по ред против песната „Ел Диабло“, одржан од верници за која тврдат дека нема место како национална песна на државата, поради, како што велат, нејзината дрска покана за да се прегрне ѓаволот.

Радиодифузерот но и пејачката Елена Цагрину која ја претставува земјата на натпреварот рече дека критичарите погрешно го протолкувале текстот на песната и дека во неа всушност станува збор за насилна врска меѓу двајца љубовници.

Песната се пласираше во финалето кое треба да се одржи во сабота во градот Ротердам, Холандија.

Демонстрантите кои протестираа сметаат дека тоа не е причина за славење, инсистирајќи дека „Ел Диабло“ е навреда за кипарската православна вера.

„Песната не го претставува Кипар. Го навредува Кипар, го сквернави Кипар и е опасна, мои добри православни христијани. Опасно е за нашите деца, за нашите семејства. Нема шанси ѓаволот да направи некому добро“, рече еден неименуван свештеник во обраќањето пред демонстрантите.

Кипарската влада пак, посочи дека иако се почитува нивното несогласување, слободата на изразување не може да биде укината.

Моќната православна црква на Кипар повика на повлекување на песната, велејќи дека нејзината содржина се потсмева со моралните основи на оваа медитеранска островска држава, заговарајќи „наше предавање на ѓаволот и промовирање на неговото обожавање“.