Студентскиот оброк да биде 140 денари од април, стои во новиот предлог-закон

Субвенционираниот студентски оброк од април оваа година да изнесува 140, наместо досегашните 120 денари и да се исплаќа како до сега сè до крајот на академската година.

Ова е новото предлог-решение кое произлезе од средбата меѓу претставниците од сите универзитетски собранија и  претставници од Министерството за образование и наука, потврди за Радио МОФ претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Славчо Темелковски.

„Од 1 април сумата ќе биде зголемена на 140 денари и заклучно со јуни ќе се исплаќа како до сега. Понатаму, новото системско решение со кое парите ќе бидат наменети само за оброк ќе почне да се имплементира од новата академска година“, вели Темелковски.

Решението што треба да се најде пред пратениците е донесено во предлог-закон кој на својот Фејсбук профил го објави пратеничката Санела Шкријељ.

Според предлог-законот од почетокот на следната академска година, студентите треба да добијат персонализирана дигитална картичка преку која ќе може да купуваат оброк во износ од 140 денари дневно. Измените предвидуваат и дека „даватели на субвенциониран студентски оброк е правно лице кое произведува, подготвува или продава храна и кое е регистрирано во мрежата за плаќање на носителот на платен промет под соодветен за трговец  од категорија на трговци кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна“.

Според Темелковски со овој договор е испочитувано најважното – да се зголеми сумата, иако, како што вели тоа не би било возможно без притисокот на студентските собранија.

„Но, едно големо НО, ни најмалку не сме задоволни од доцнењето на исплатите кои ги поминуваат сите граници, како и од неинформирањето околу таквите случувања. Затоа продолжуваме да ги мониторираме и да се избориме за навремена исплата на оброкот, со цел да не расте незадоволството помеѓу студентите“, дециден е тој.

Студентите во ноември мината година протестираа поради најавените измени во Законот за субвенциониран студентски оброк што според УСС УКИМ значеше да се стесни бројот на студенти кои може да го остварат правото на оброк. На протестот против ваквите мерки што ги предложи МОН, студентите бараа и покачување на износот од 120 на 150 денари дневно. За време на протестот пред Собранието, студентски претставници внатре разговараа со пратениците и претставници од МОН по што беше постигнат договор оброкот да се исплаќа по старите критериуми до 15 март 2023 година, а студентите да продолжат да бидат дел од работните групи за креирање на системско решение.

[Фото] „Ајде да ги замениме оброците“ – студентите им оставија лепче и зденка на пратениците