Сојузот на средношколци со поддршка за студентите во барањата за студентски оброк

Од Сојузот на средношколци изразија јавна поддршка кон Универзитетското студентско собрание при УКИМ и сите останати студентски собранија во процесот за добивање функционален студентски субвенциониран оброк.

Од Сојузот апелираат да се размислува за изнаоѓање на системско решение за субвенционираниот студентски оброк, налик на моделот применуван во европските земји, конкретно Словенија, а дополнуваат дека освен финансиската, важна улога мора да играат и нутритивната и економската димензија.

„Скорешните настани ја покажуваат важноста на вклучувањето на засегнатите страни во процесите на одлучување a priori, т.е. уште кога ќе се работи на првиот нацрт. Државните институции мора да размислуваат стратешки, а не да чекаат да се создаде револт којшто ќе ги коригира нивните грешки“, велат од средношколскиот сојуз.

Од таму ја поздравуваат предлог предлог-мерката за дополнување на Законот за финансиска поддршка на граѓаните, која предвидува месечна финансиска поддршка од 3.000 денари за сите средношколци.

„Оваа предлог-мерка на прес-конференција ја образложи пратеникот и претседател на Собраниската комисијата за финансии и буџет, Бојан Стојаноски. Оваа приоритетна мерка е голем чекор во зголемување на средношколскиот стандард, а ќе им помогне на средношколците во ова време на криза. Сојузот на средношколци ги повикува сите пратеници во најкус можен рок да ја поддржат мерката, со што ќе нè поддржат и нас“, истакнуваат од Сојузот.