Стотина докторски дипломи спорни според Комисијата за акредитација во Србија

Комисијата за акредитација и проверка на квалитет (КАПК) во Србија оспори околу 100 докторски дипломи од приватните и државните факултети во земјата. Тие ќе бидат предмет на правна експертиза за српски и меѓународни експерти по право, ангажирани од Министерството за образование.

Државниот секретар од министерот за образование, наука и развој Владимир Џамиќ потврди дека во министерството се обратиле оштетените професори, кои го изгубиле правото да бидат предавачи, иако во претходните процеси на акредитација, регуларно ја минувале процедурата за избор за предавачи на факултети и на високите стручни школи и академски студии.

„Тие го изгубија правото поради промената на стандардите на Комисијата за акредитација и проверка на квалитетот. Имајќи ги предвид правните последици од сето ова и евентуалната тужба, ние сме должни да реагираме и да разговараме со членовите на КАПК и Националниот совет за високо образование. Не е важно дали се работи за 500 или 30 случаи, ако тие незаконски останале без работа, тогаш тоа е проблем и затоа сакаме да го решиме“, вели Џамиќ.

Спроед него ова е правна, а не лична или политичка тема и дека од министерството ги контактирале сите домашни правни експерти, како и експерти од делегацијата на ЕУ, од кои во следните 30 дена очекуваат правна експертиза.

„Оние кои се сметаат за оштетени со одлуката на КАПК, се повикуваат на тоа дека одеднаш ги смениле стандарди, со кои се поништуваат претходните одлуки на самата Комисија и токму затоа имаме правна дилема која треба да се реши“, вели Џамбиќ.