[Став] Зошто дебата во формално образование?

Парадигмата на формалното образование на глобално ниво потенцира за неопходноста од развој на критичкото размислување на младите, кое би довело до развој на толеранцијата, слободата на изразување, социјалната инклузија и интеграцијата на младите, пишува Дејан Ризински, Младински образовен форум во младинската онлајн колумна на Радио Слоборна Европа.

Дебатата како едукативна алатка во образовниот систем е концепт кој во последните десетина години активно се развиваше во европските држави, инкорпорирајќи ја во наставните програми во формалното образование во националните образовни системи. Една од клучните цели кои формалното образование би требало да ја постигне е создавање на активни граѓани од младите луѓе, овозможувајќи им простор за развој на критичко размислување и афилијација кон демократски вредности и принципи. Примарната цел на образованието не е само да култивира знаења и компетенции, туку и да им помогне на младите луѓе – во тесна соработка со родителите и наставниот кадар – да станат активни, одговорни, отворени членови на општеството. Така, држави како Холандија, Литванија, Латвија, Естонија, Словачка, Словенија, Романија, Чешка и тн., на своевиден начин ја институционализираа дебатата во своите средни училишта, независно дали станува збор за задолжителен или факултативен предмет во образовните курикулуми.

Дебатата како образовен метод се стреми да дојде до јадрото на одреден проблем преку аргументирана и организирана дискусија. Главната премиса која се провлекува низ дебатата, без разлика дали станува збор за компетитивна дебата или техника на учење, е аргументираното изразување, критичкото размислување и способноста да се одбере најдоброто решение од повеќе алтернативи. Носечкиот столб на една дебата е аргументираното изразување, кое во својата суштина претставува способност да се дојде до рационални и логички заклучоци.

Парадигмата на формалното образование на глобално ниво потенцира за неопходноста од развој на критичкото размислување на младите, кое би довело до развој на толеранцијата, слободата на изразување, социјалната инклузија и интеграцијата на младите. Во Париската декларација за промоција на активно граѓанство и заеднички вредности на толеранција и недискриминација преку образованието, министрите за образование и млади од повеќе европски држави се обврзаа да работат во полето на подобрување на вештините за критичко размислување кај младите, особено во сферата на интернетот и социјалните медиуми – каде е неопходно младите да прават дистинкција помеѓу различни факти и информации, нивната вистинитост и релевантност, имајќи ја на ум преголемата застапеност на индоктринација, говор на омраза и лажните вести.

Учениците кои практикуваат дебата се изложуваат на неколку различни процеси кои директно влијаат во развојот на критичкото размислување – најпрво, се ставени во позиции да размислуваат од повеќе перспективи за одредено прашање и најчесто ја напуштаат својата комфорна зона бранејќи ставови кои често се спротивни од, во тој даден момент, нивните лични ставови. Последново, најмногу доаѓа до израз во компетитивни формати на дебатирање каде дебатерите мораат да истражуваат и анализираат одредено прашање од два спротивставени аспекти на истото. Различни лонгитудинални истражувања го потенцираат токму критичкото размислување како главен бенефит од активното учество во академска дебата.

Дополнително, дебатата влијае врз развојот на личните ставови и вредности кај младите. Во споредба со своите врсници, учениците кои учествуваат во дебатни активности имаат поголема емпатија, разбирање и толеранција кон различни и спротивни ставови од сопствените. Следствено, градењето на вредности на толеранција и меѓусебно разбирање води кон зајакнување на интеграцијата и соработката помеѓу младите од различни социо-економски, културолошки и политички позадини. Дебатата развива чувство на општествена одговорност, ставајќи ги во перспектива можнoстите на индивидуата, но и на колективот, во земањето активно учество во општествените процеси.

Во услови на поларизирано општество, формално образование кое не стимулира партиципативност и самосвест кај учениците и изразена нетолеранција помеѓу младите од различни припадности, се јавува неопходност за имплементација на академска дебата во образовниот систем. За отвореност кон нови прогресивни идеи, формалното образование мора да го стимулира интелектуалниот дискурс кај младите. Доколку нашите мисли и вредности треба да бидат општествено конструирани – тогаш, нека бидат конструирани преку дебата.